Фармакоинформативни новости

Интестиналната микрофлора има различен состав кај лица со третман-резистентна шизофренија

  • 3/27/2024
 

Шизофренијата преставува сериозно психолошко нарушување кое се карактеризира со халуцинации, заблуди и нарушен говор, мислење и однесување. Потребно е доживотно лекување за менаџирање на ова заболување, при што рано започнување со антипсихотична терапија може да ја редуцира и успори прогресијата на болеста. Ризик фактори за појава и развој на шизофренија се: фамилијарна историја, бременост, компликации при породување и примање на психоактивни или психотропни лекови за време на растот и развојот на детето.

Clozapine припаѓа на групата на антипсихотични лекови и е индициран кај третман-резистентна шизофренија која се карактеризира со перзистентни халуцинации и заблуди по неуспешен третман со прволиниската и второлиниската терапија. Clozapine е многу ефикасен во редуцирање на сериозните симптоми и ризици на болеста, но истиот е асоциран со повеќе клинички значајни несакани ефекти.

Резултатите од една нова студија сугерираат дека clozapine има потенцијал да го промени составот на интестиналната микрофлора кај пациенти со третман-резистентна шизофренија. Составот на бактериската микрофлора кај пациенти што примаат clozapine значително се разликува од микрофлората кај лица без психијатриски нарушувања и лица со шизофренија третирана со друга антипсихотична терапија.

 Студијата вклучувала 97 лица на возраст од 20 до 60 години и имала за цел да ја евалуира потенцијалната поврзаност помеѓу шизофренијата и составот на интестиналниот микробиом, како и влијанието на микробиомот врз резистентноста кон третманот, одговорот на пациентот кон терапијата со clozapine и несаканите ефекти од терапијата.

Биле земени примероци од столица од сите испитаници и бил определен составот на гастроинтестиналната микрофлора, а дополнително биле собрани и демографски податоци за секој испитаник, информации за нивниот животен стил и тековна медикаментозна терапија, вклучително и антипсихотична терапија. Испитаниците биле поделени во 4 групи – контролна група без историја на психијатриско нарушување, група на пациенти со шизофренија која дава одговор на третман со други антипсихотици освен clozapine, група на пациенти со третман-резистентна шизофренија која дава одговор на clozapine и група на пациенти со третман-резистентна шизофренија која не дава одговор ниту на clozapine.

Според резултатите, пациентите дијагностицирани со шизофренија имаат значително посиромашна интестинална микрофлора, за разлика од лицата во контролната група, при што не е забележана значајна разлика помеѓу пациентите со шизофренија кои даваат одговор и оние кои не даваат одговор кон терапија со clozapine. Освен тоа, во составот на микробиомот кај пациентите со шизофренија се детектирани различни бактериски видови и метаболички патишта, споредено со контролната група, и овие разлики се претпоставува дека се асоцирани со терапијата со clozapine или со резистентноста кон третманот. Сепак потребни се опсежни истражувања во ова поле со цел точно утврдување дали променетата интестинална микрофлора ѝ претходи или е последица на резистентноста кон третманот.

Референци:

Vasileva SS, Yang Y, Baker A, et al. Associations of the Gut Microbiome With Treatment Resistance in Schizophrenia. JAMA Psychiatry. Published online January 31, 2024. doi:10.1001/jamapsychiatry.2023.5371
Schizophrenia. Mayo Clinic. Article. Accessed on February 15, 2024. https://www.mayoclinic.org/diseases-conditions/schizophrenia/symptoms-causes/syc-20354443#:~:text=Schizophrenia%20is%20a%20serious%20mental,with%20schizophrenia%20require%20lifelong%20treatment.
Haidary HA, Padhy RK. Clozapine. StatPearls. Treasure Island (FL): StatPearlsPublishing; 2024 Jan. https://www.ncbi.nlm.nih.gov/books/NBK535399/

Споделете

 

Поврзани новости

Најава на корисник

Заборавено корисничко име или лозинка? Не сте член? Кликнете тука за регистрација