Unnamed

Значајната улога на фармацевтите во време на прогласена пандемија од Корона вирус

Почитувани колеги

Поттикнати од ситуацијата поврзана со прогласената пандемија од Корона вирусот (SARS-CoV-2) и настаните на кој што сме секојдневни сведоци, би сакале да ја акцентираме значајната улога на фармацевтите, кои и во оваа мошне сложена ситуација ја докажуваат својата есенцијална улога во здравствениот систем и на дело потврдуваат дека се најдостапните здравствени работници во општеството.

Дозволете ни да го изразиме нашето огромно задоволство и целосна поддршка кон нашите поранешни студенти, денес колеги, за нивната професионалност, посветеност и нивните секојдневни активности кои овозможуваат непречено снабдување со лекови и медицински средства на сите граѓани во сите региони од нашата држава.

Пожртвуваноста, храброста и неалтeрнативниот пристап кој го промовираат нашите колеги во секојдневното бестрашно справување со кризата, се вредностите на нашата професија и посебно радува кога тие вредности ќе се видат на дело.

Почитувани граѓани, стручните совети кои секојдневно ги добивате од нашите колеги се непроценливи и мошне значајни. Фармацевтската грижа како интегрален дел на здравствената грижа значително допринесува за подобар здравствен систем и постигнување на подобри здравствени исходи во справувањето со сите здравствени ризици. Во своето секојдневно делување, фармацевтите се изложени на голем број ризици особено во период на епидемија и пандемија од заразни болести.

Како претстваници на УКИМ – Фармацевтскиот факултет, најстарата високо-образовна Институција од областа на фармацијата во нашата земја која врши едукација на фармацевтски кадри за потребите на нашето општество, во оваа прилика би сакале да упатиме апел до граѓаните на Р.С.Македонија, доследно да се почитува професија ФАРМАЦЕВТ, интегритетот на фармацевтите и препораките кои се добиваат од нив.

Апелеираме граѓаните да покажат разбирање за специфичната положба во која се наоѓаат нашите колеги, да демонстрираат поголема стрпливост, внимание и хигиена кога се присутни во аптека. Апелираме да се почитуваат сите препораки од здравствените власти за правилно однесување во овој специфичен период. Нецивилизирано и нехумано го оценуваме однесувањето кога се злоупотребува лесната достапност на здравствените професионалци – фармацевтите, и кога дел од граѓаните упатуваат неосновани вербални напади врз нив.

Ние сме убедени дека нашите колеги ја заслужуваат целата наша граѓанска поддршка. Затоа уште еднаш ја искажуваме нашата огромна почит и благодарност до сите фармацевти во Република Северна Македонија,особено нашите колеги аптекари.

УКИМ – Фармацевтски факултет Скопје

 

 

 

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

Заборавено корисничко име или лозинка
Ве молиме внесете ја вашата email адреса. Корисничкото име и новата лозинка ќе ви бидат пратени по email.