1

Зголемен ризик од деменција кај пациенти со потврдена инфламаторната цревна болест

Според резултатите од студијата објавена во on-line изданието на Gut, инфламаторната цревна болест, без разлика дали се работи за улцеративен колитис или Кронова болест, е поврзана со двојно зголемување на ризикот за развој на деменција. Дополнително, демецијата е дијагностицирана 7 години порано кај пациентите со инфламаторна цревна болест во однос на општата популација.

Од неодамна, постојат голем број на докази кои сугерираат дека постои ,,комуникација” помеѓу дигестивниот тракт, микробиомот во него и централниот нервен систем, (врска позната како ,,стомачно-мозочна оска”) и поврзаноста на оваа оска со различни аспекти на здравјето кај луѓето. Иако точната причина за инфламаторна цревна болест е непозната, се претпоставува дека истата е резултат на неправилен и пренагласен имун одговор на промените во микробиомот на гастроинтестиналниот тракт. Една неодамна објавена студија, имплицира дека инфламаторната цревна болест може да има улога во развојот на друга невродегенеративна болест, Паркиносоновата болест. Сепак, во оваа студија не е јасно пронајдена поврзаноста на инфламаторната цревна болест со зголемен ризик од деменција.

Со цел да се утврди хипотезата за поврзаност помеѓу инфламаторната цревна болест и деменцијата, научниците анализирале податоци од 1742 пациенти постари од 45 години, дијагностицирани со улцеративен колитис или Кронова болест во периодот измеѓу 1998 и 2001 година, при што биле регистрирани во Програмата за национално здравствено осигурување на Тајван (анг. Taiwan National Health Insurance program). Когнитивното здравје на овие пациенти било следено 16 години по воспоставување на дијагнозата и било споредено со 17 420 индивидуи (соодветно во однос на пол, возрат, пристап до здравствена нега, приход и дополнителни коморбидитети), кои немале дијагностицирана инфламаторна цревна болест. За време на периодот на мониторинг, било забележано дека поголем дел од пациентите со инфламаторна цревна болест развиле деменција (5,5%), вклучувајќи и Алцхајмерова болест, во споредба со контролната група (1,5%). Дополнително, луѓето со инфламаторна цревна болест, во просек биле дијагностицирани со деменција 7 години порано во однос на контролната група (76 години vs 83 години, соодветно). Земајќи ги во предвид сите потенцијални фактори, вклучувајќи ја староста и коморбидитетите, пациентите со инфламаторна цревна болест имале двапати повисок ризик за развој на деменција во однос на генералната популација. Од сите видови на невродегенеративни болести кои се карактеризираат со деменција, ризикот за Алцхајмерова болест бил највисок: пациентите со инфламаторна цревна болест имаат шестпати повисок ризик за развој на оваа болест во однос на општата популација. Дополнително, полот и типот на инфламаторна цревна болест немале статистичко значење за зголемување на потенцијалниот ризик од деменција, кој сепак е асоциран со времетраењето на инфламаторната цревна болест.

Оваа е опсервациона студија, и како таква не воспоставува причинско-последична врска помеѓу инфламаторната цревна болест и деменцијата. Исто така, научниците не можеле да соберат информации за потенцијално значајните фактори како исхраната или физичката активност, како и да го евалуираат влијанието на антиинфламаторните лекови на кои бил подложен пациентот. Сепак, со оваа студија, потврдена е хипотезата дека хроничната инфламација и дисбалансот во цревниот микробиом може да предизвика когнитивни проблеми во текот на животот.

REFERENCE:

Bing Zhang, Hohui E Wang, Ya-Mei Bai, Shih-Jen Tsai, Tung-Ping Su, Tzeng-Ji Chen, Yen-Po Wang, Mu-Hong Chen. Inflammatory bowel disease is associated with higher dementia risk: a nationwide longitudinal study. Gut, 2020

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

Заборавено корисничко име или лозинка
Ве молиме внесете ја вашата email адреса. Корисничкото име и новата лозинка ќе ви бидат пратени по email.