3

Започнува фазата 2/3 од студијата на Vir Biotechnology и GlaxoSmithKline за терапијата со антитела против COVID-19

Фармацевтските гиганти Vir Biotechnology и GlaxoSmithKline, изминатата недела започнаа со втората фаза од студијата за терапијата со антитела наречена VIR-7831. Терапијата се заснова на моноклонални антитела кои би се користеле за ран третман на пациенти инфицирани со COVID-19 кои имаат висок ризик за хоспитализација.

Целта на оваа студија, наречена COMET-ICE (Covid-19 Monoclonal antibody Efficacy Trial-Intent to Care Early), која ќе вклучи околу 1300 пациенти од различни делови од светот кои имаат рана симптоматска инфекција, е да ја потврди или отфрли хипотезата дали VIR-7831 како еднодозна терапија со моноклонални антитела, може да помогне при превенција од хоспитализација на пациенти заразени со COVID-19.

Иницијалните резултати би требало да бидат достапни пред крајот на оваа година, со комплетни резултати кои се очекуваат во првиот квартал на 2021 година и потенцијално започнување со оваа револуционерна терапија во првата половина на 2021 година.

Оваа терапија е наменета за пациенти кои се во раната фаза на COVID-19 инфекцијата, и целта е да покаже дали VIR-7831 е ефикасна еднодозна терапија во превенција од хоспитализација на пациенти кои се во критична група, како на пример геријатриската популација, или пак оние пациенти кои имаат други коморбидитети (срцеви или белодробни заболувања). Раниот третман на пациенти заболени од COVID-19 е критичен, како би се избегнале дополнителни компликации (како на пример хоспитализација), и трансмисија на вирусот во околината од страна на заболениот.

Моноклоналните антитела кои се наменети против SARS-CoV-2 вирусот би можеле да дадат ефективен и брз имунолошки одговор против COVID-19, заобиколувајќи ја потребата од создавање на сопствени антитела од страна на организмот на пациентот, што е од голема важност при отсуство на ефикасна вакцина. Оваа терапија, не само што го намалува ризикот од компликации и игра улога во превенција од хоспитализација на пациенти, а со тоа ја намалува оптовареноста на здравствениот систем, туку може и да ја ублажи сериозноста на инфекцијата кај пациенти кои се веќе хоспитализирани.

Моноклоналните антитела кои го неутрализираат SARS-CoV-2 вирусот, се продуцираат или клонираат од имунолошки клетки во лабораториски услови. Идентификувани се уникатни антитела од пациенти кои ја преживеале инфекцијата, кои би можеле да придонесат во блокирање на вирусот во инфицирањето на нови клетки, или пак преку стимулација на имунолошкиот систем да ги елиминира веќе инфицираните клетки, при што моноклоналните антитела имаат двојна функција (функција на неутрализација на вирусните единки и ефекторна функција врз веќе инфицирани клетки).

Оваа терапија функционира така што моноклоналните антитела се врзуваат за спајк (S)-протеините кои се наоѓаат на површината на SARS-CoV-2 вирусот, и токму оваа комбинација на S-протеин и антитело би можело да игра клучна улога во терапевтскиот ефект на оваа терапија. Предклиничките испитувања со антителата од VIR-7831, покажале афинитет кон S-протеините на вирусната единка, и висока потентност во неутрализирање на SARS-CoV-2 вирусот, што укажува на можност за регрутирање на имуни клетки со цел неутрализација на веќе инфицираните клетки.

Подоцна оваа година, компаниите кои ја развиваат оваа терапија очекуваат да започнат со фаза 2 од испитувањето на втората терапија VIR-7832, која ги дели истите карактеристики со VIR-7831, но дополнително може да делува и како профилактичка Т-клеточна вакцина.

Доколку се покаже успешна, оваа терапија би била од голема корист, бидејќи со оваа терапија не само што директно се намалува оптовареноста на здравствениот систем, туку би можела да помогне и во лекувањето на пациенти кои се веќе хоспитализирани од COVID-19.

 

REFERENCE:

GlaxoSmithKline (31 August 2020). Vir Biotechnology and GSK start phase 2/3 study of COVID-19 antibody treatment

Available at: https://www.gsk.com/en-gb/media/press-releases/vir-biotechnology-and-gsk-start-phase-23-study-of-covid-19-antibody-treatment/

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

Заборавено корисничко име или лозинка
Ве молиме внесете ја вашата email адреса. Корисничкото име и новата лозинка ќе ви бидат пратени по email.