2

Високи дози на витамин D не се ефективни во превенција и третман на КОВИД-19

Истражувачите од Велика Британија, Европа и САД, предводени од научниците од University of Surray, публикуваа студија поврзана со улогата на витаминот D во превенцијата и третманот на КОВИД-19, притоа давајќи осврт на несаканите ефекти на суплементација со високи дози на витамин D, земајќи го во предвид фактот дека досегашните студии не покажуваат јасен значителен бенефит на суплементите на витамин D  во превенцијата или третманот на болеста. Авторите на студијата советуваат за придржување на пациентите кон насоките дадени во Водичот за суплементација на Институтот за јавно здравје на Англија.

По неколкуте извештаи дека високи дози на витамин D (повисоки од 4000IU/ден) може да го намалат ризикот од инфекција со КОВИД-19 и да се користат за успешно лекување на истата, во новата студија објавена во BMJ, Nutrition, Prevention and Health анализирана е тековната база на научни докази за витаминот D и неговата употреба во лекување на инфекции. Витаминот  D  се синтетизира во клетките на епидермисот при изложеност на сончева светлина и помага во регулирање на количината на калциум и фосфат во организмот, потребни за правилно функционирање на коските и мускулите. Соодветното ниво на витамин D во организмот е клучно за целокупното здравје на организмот, при што ниски нивоа можат да доведат до развој на рахитис или остеопороза, а виски нивоа, од друга страна, можат да доведат до зголемување на нивото на калциум во крвта кој може да се депонира во меките ткива како бубрези, хепар и срце, што резултира со оштетување на органите во кои ќе се складира.

Истражувајќи ги веќе постоечките студии во ова поле, научниците не пронајдоа докази за поврзаност помеѓу суплементацијата со високи дози на витамин D и превенцијата односно успешно лекување на КОВИД-19.  Истовремено, тие советуваат за можните последици на хипервитаминозата и можните несакани ефекти, доколку суплементите се земаат без медицински надзор. Научниците заклучиле дека тврдењата за придобивките на витаминот во лекувањето на вирусот во моментот не се поддржани со соодветни клинички студии и се засноваат на наодите од студии кои не ја испитувале конкретно оваа област.

Потенцијалната поврзаност помеѓу нивото на витамин D и инфекциите на респираторниот тракт биле испитувани од научниците во минатото, при што неодамнешнит студии со оваа тематика откриле дека пониските нивоа на витамин D се асоцирани со повисок ризик од акутни инфекции на респираторниот тракт. Сепак, утврдени се ограничувања на заклучоците добиени од овие студии. Наодите од поголемиот дел од студиите се засновани на податоци собрани од жители во земјите во развој и не можат да бидат екстраполирани во населението од поразвиени земји како резултат на бројни надворешни фактори. Научниците веруваат дека во моментов не постои цврста врска помеѓу внесот на витамин D и отпорност кон инфекции на респираторниот тракт.

Авторите на трудот ги советуваат пациентите да ги следат насоките од Водичите за јавно здравје на Англија во однос на суплементацијата со витамин D, односно препорачуваат индивидуите да земаат 10 микрограми на витамин D во облик на суплементи секојдневно во текот на зимата (од октомври до март) односно во текот на целата година ако времето кое го поминуваат надвор е ограничено (како во случај на изолација за време на пандемијата).

REFERENCE:

Lanham-New S.A., Webb A.R., Cashman K.D., Buttriss J.L.,Fallowfield J.L., Masud T., Hewison M., Mathers J.C., Kiely M., Welch A.A., Ward K.A., Magee P., Darling A.E., Hill T.R., Greig C., Smith C.P., Murphy R., Leyland S., Bouillon R.,  Ray S., Kohlmeier M. Vitamin D and SARS-CoV-2 virus/COVID-19 disease. BMJ Nutrition Prevention & Health, 2020

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

Заборавено корисничко име или лозинка
Ве молиме внесете ја вашата email адреса. Корисничкото име и новата лозинка ќе ви бидат пратени по email.