Fluorokinoloni

Употребата на флуорокинолони е поврзана со ризик од сериозни несакани реакции: живото-загрозувачка хипогликемија и психијатриски нарушувања

Употребата на флуорокинолони е поврзана со ризик од сериозни несакани реакции: живото-загрозувачка хипогликемија и психијатриски нарушувања

Случаи на сериозни психијатриски нарушувања и хипогликемија со последична живото-загрозувачка хипогликемична кома се поврзани со употребата на флуорокинолони. Според тоа, The U.S. Food and Drug Administration (FDA) посочува на потребата од промени и хармонизација на збирниот извештај и упатството за употреба на сите флуорокинолони наменети за перорална и парентерална примена и вметнување на овие посебни мерки на претпазливост и посебни предупредувања поврзани со ризикот од психијатриски нарушувања и дисгликемија.

Идентификувани се 67 случаи на живото-загрозувачка хипогликемична кома што се поврзани со употребата на флуорокинолони во временска рамка од 1987 до 2017 година. 13 од вкупниот број на случаи завршиле со летален исход и 9 случаи со трајни последици. Од вкупните 67 случаи, 44 се поврзани со употребата на левофлоксацин, 12 се поврзани со употребата на ципрофлоксацин, 9 се поврзани со употребата моксифлоксацин и 2 случаи се поврзани со употребата на офлоксацин. Ризикот од хипогликемична кома е особено голем кај возрасни пациенти, пациенти со бубрежна слабост и пациенти со дијабетес тип 2 кои примаат орални хипогликемици.

Психијатриски нарушувања (халуцинации, психоза, конфузија, депресија, анксиозност и параноја) поврзани со оваа класа на антибиотици се добро познати и се содржат во упатството за употреба. Овие несакани ефекти се разликуваат помеѓу различни претставници на флуорокинолоните. Но, се наметнува потреба од вметнување на ризикот од нарушување на вниманието, нарушена ориентација, агитација, нервоза, нарушување на помнењето и делириум, како психијатриски несакани ефекти во упатството за употреба и соодветна класификација на психијатриските нарушувања и несаканите ефекти на централниот нервен систем. Нарушување на помнењето и делириум се новооткриени несакани ефекти. Значајно е да се нагласи дека психијатриските несакани ефекти може да се јават и после првата примена доза.

Флуорокинолоните се класа на антибиотици со широк спектар на дејство. Активни се против грам негативни бактерии, некои грам позитивни бактерии, интрацелуларни патогени (Chlamydia trachomatis, Micoplasma spp., Ureaplasma spp.) и некои анаеробни бактерии (Bacteroides spp.). Нивното антибактериско дејство се должи на инхибиција на репликацијата на ДНК во бактериските клетки. Индицирани се за третман на сериозни бактериски инфекции кадешто користа го надминува ризикот (пример, бактериска пневмонија), третман на генито-уринарни инфекции, инфекции стекнати во болниците, прва линија на третман на сериозни акутни случаи на пиелонефритис и простатитис и остеомиелитис.

Посебни мерки на претпазливост и посебни предупредувањата поврзани со употребата на флуорокинолоните

Мерките на претпазливост и предупредувањата поврзани со употребата на флуорокинолоните се прошируваат во текот на годините-во 2008 година FDA посочува на зголемениот ризик од воспаление на тетивите и руптура; во 2011 година објавени се податоци за влошување на здравствената состојба кај пациенти со дијагностицирана мијастенија гравис; во 2013 година опишан е потенцијален ризик за иреверзибилна периферна невропатија (сериозно оштетување на нервите).

Употребата на флуорокинолоните е придружени со ризик од многубројни несакани рекации.

Во 2016 година, FDA предупредува на потенцијално трајни несакани ефекти на тетивите, мускулите, зглобовите, нервите и централниот нервен систем. Оштетувањето на тетивите е особено изразено кај пациенти постари од 60 години, пациенти од машки пол, пациенти кои примаат кортикостероиди, пациенти коишто имаат постоечки проблем со зглобовите и тетивите, бубрежна болест и сл. Употребата на флуорокинолоните во третман на акутен бактериски синузитис, акутна бактериска егзацербација на хроничен бронхитис и некомплицирани инфекции на уринарниот тракт е неоправдана и ризкот од сериозни несакани ефекти ја надминува користа. И според тоа, флуорокинолоните треба да се употребуваат кај пациенти со овие здравствени состојби кај кои не постои алтернативна тераписка опција. Останати несакани ефекти вклучуваат: колитис како резултат на инфекција со Clostridium difficile, гастроинтестинални несакани ефекти, главоболка, продолжување на QT интервал, фототоксичност и сл.

Флуорокинолоните стапуваат во лек-лек интеракции од различен степен

Флуорокинолоните стапуваат во многубројни интеракции со: поливалентни катјони (антациди што содржат алиминиум или магнезиум, железо, додатоци на исхрана што содржат цинк), сулфонилуреа деривати, сукралфат, пробенецид, циметидин, теофилин, варфарин, фенитоин, циклоспорин, рифампицин, антивирални агенси и сл.

Флуорокинолоните стапуваат во многубројни лек-болест интеракции  се контраиндикацирани при следните болести:

Не смее да се употребуваат при: хиперсензитивност, епилепсија, инфекции на централен нервен систем, продолжен QT интервал, инфаркт, Ehlers-Danols синдром, бремени жени, дефицит на ензимот глукоза-6-фосфат дехидрогеназа и сл. Употребата на флуорокинолони кај деца не е апсолутно контраиндицирана, може да се употребуваат при специфично дефинирани услови и близок мониторинг поради зголемениот ризик од мускуло-скелетни несакани ефекти.

Севкупно, здравствените работници треба да ги земат предвид сите мерки на претпазливост, интеракции и контраиндикации пред да ги пропишуваат овие лекови. Неопходно е да бидат претпазливи за ризикот од хипогликемија особено кај возрасни пациенти и пациенти кои примаат орални хипогликемици и инсулин. И во однос на тоа, треба да ги советуваат пациентите како да го мониторираат нивото на шеќер и да ги препознаат знаците и симптомите на хипогликемија. Дополнително, здравствените работници треба да ги информираат пациентите за потенцијалните психијатриски нарушувања кои може да се јават после првата доза. Според тоа, доколку се јават било какви несакани ефекти, употребата на флуорокинолоните треба да се прекине и да се замени со друг антибиотик доколку е возможно.

Референци:

  1. FDA updates warnings for fluoroquinolone antibiotics on risks of mental health and low blood sugar adverse reactions. July 10, 2018. https://www.fda.gov/NewsEvents/Newsroom/PressAnnouncements/ucm612995.htm
  2. FDA reinforces safety information about serious low blood sugar levels and mental health side effects with fluoroquinolone antibiotics; requires label changes. July 10, 2018.
    https://www.fda.gov/Drugs/DrugSafety/ucm611032.htm
  1. Lawrence V Friedrich et al., Fatal Hypoglyceia Associated with Levofloxacin. Pharmacotherapy 24(12):1807-12.2005.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

Заборавено корисничко име или лозинка
Ве молиме внесете ја вашата email адреса. Корисничкото име и новата лозинка ќе ви бидат пратени по email.