Vertigo

Третман на вертиго

Третман на вертиго

Вертиго е интердисциплинарен симптом,  кој како еден од најчестите симптоми (трета по ред тегоба кај амбулантски пациенти) претставува посебен предизвик во медицината. Како резултат на несоодветна комуникација помеѓу вестибуларниот, визуелниот и соматосензорниот систем доаѓа до неконзистентни информации за движењето и положбата на телото, и до субјективно чувство на движење кога всушност истото не е присутно. Нападот на вертиго се развива одеднаш и може да трае од неколку секунди до неколку денови, недели, месеци. Во зависност од состојбата што предизвикува вертиго, како дополнителни сипмтоми кои се јавуваат се: губиток на баланс – отежнато станување или движење, чувство на мачнина, висока температура, тинитус, губење на слухот.

Што предизвикува вертиго?

Вертигото е симптом на неколку различни состојби. Постојат два вида вертиго, познато како периферно и централно, во зависност од изворот на симптомот.

Периферно вертиго е најчестиот тип (85%), често предизвикан од проблеми со механизмите за рамнотежа на внатрешното уво. Најчестите причини се:

  • бенигно пароксизмално позиционо вертиго (BPPV) – 45 %; генерално се јавува кај лица постари од 50 години. BPPV вклучува кратки, интензивни, рекурентни напади на вертиго (неколку секунди до пола минута), пропратени со гадење. Слухот не е афектиран, а може да се јави и нистагмус. BPPV е предизвикано од мали фрагменти од кристали на калциум карбонат, кои се откинуваат од каналите во внатрешното уво. Кога главата е мирна, фрагментите се на дното на каналот, но одредени движења на главата предизвикуваат нивно пробивање по должината на каналот полн со течност, кој испраќа збунувачки пораки до мозокот, предизвикувајќи вртоглавица.
  • лабиринтис – инфламација на структурата на внатрешното уво најчесто предизвикана од студ или вирусот на грип. Информациите што лабиринтот ги испраќа до мозокот е различен од информациите испратени од незасегнатото уво и очите. Овие конфликтни сигнали предизвикуваат вртоглавица и вертиго. Може да биде придружено со гадење, повраќање, губење на слухот, тинитус, а понекогаш и болка во увото, како и висока температура.
  • вестибуларен невронитис – воспаление на вестибуларниот нерв или на лабиринтот, најчесто од вирусна инфекција, а кај деца после настинка. Се јавува акутна локализирана исхемија на нервот или лабиринтот. Покрај вртоглавица, може да предизвика гадење и повраќање, а слухот не е афектиран. Трае неколку часа или денови.
  • Мениер-ова болест – ретка состојба на внатрешното уво, која може да предизвика вертиго, како и губење на слухот, тинитус и чувство на притисок во увото и полно уво. Ненадејните напади на вртоглавица траат неколку минути или часови, и предизвикуваат гадење и повраќање.
  • повреда на главата

Централното вертиго (15%) е предизвикано од проблеми во централниот нервен систем (во циркулацијата или во информациите што стигнуваат од и до мозокот). Причините за централно вертиго вклучуваат:

  • мигрена – број еден причина за централно вертиго. Сериозна главоболка која се чувствува како мачна болка напред или на едната страна од главата, особено честа кај помладите луѓе
  • мултиплекс склероза – состојба која влијае на централниот нервен систем (мозокот и ‘рбетниот мозок)
  • акустична неврома – редок, бениген тумор на мозокот кој расте на акустичниот нерв – нерв кој помага да се контролира слухот и балансот
  • тумор на малиот мозок
  • транзиторен исхемичен напад (ТИА) или мозочен удар

Како останати причини за појава на вертиго се: хематолошки – анемија; кардиоваскуларни – промена во крвниот притисок, ортостатска хипотензија, пореметен срцев ритам; метаболни – хипогликемија, хипотиреоза, дијабетес; психогени – анксиозност, депресија, паничен напад; несакани реакции на лекови – антиконвулзиви, антидепресиви, антихипертензиви, диуретици, седативи. Понекогаш причината е непозната.

Дијагностицирање на вертиго

Дијагностицирањето започнува со одредување на симптомите и лековите кои се користат, по што следи физичка егзаминација. Се прават тестови на рамнотежа: тест за движење на очите, тест за движење на главата (Dix-Hallpike маневар), постурографија (одржување рамнотежа под различни услови), ротари тест; тестови за слух: тест за аудиометрија, вилушка тест, видеонистагмографија, електронистагмографија, калоричен тест, MRI, CT скен.

Третман на вертиго

Во ретки случаи вертигото се подобрува без лекување. Сепак, во најголемиот број случаи тоа е тешко изразено, па затоа мора да се преземат одредени мерки. Цел на терапијата е да се намали ризикот од паѓање, субјективното чувство на вртоглавица и да се подобри стабилноста при движење, како и невромускулната координација.

Со оглед на мултифакториелната природа третманот бара индивидуализиран пристап и се базира на рехабилитационен и медикаментозен третман. Се вклучуваат нефармаколошки мерки (спиење со малку крената глава, избегнување нагли движења на главата, одморање во тивка, затемнета просторија).

Рехабилитационите методи се однесуваат на:

  • вежби за адаптација
  • хабитуациони вежби
  • супституциони вежби.

Постојат одредени третмани за некои причини за вртоглавица. BPPV може да се третира со процедура наречена Epley маневар (обично не е долготраен лек и најчесто треба да се повтори), како и со вежбите на Brandt-Daroff. Лабиринтисот и вестибуларниот невронитис можат да се третираат со вестибуларна рехабилитација. Во ретки случаи, кога симптомите на вртоглавица траат со месеци или години, може да се препорача хируршка интервенција. Кај Мениер-ова болест се користи диета со ниска сол, физиотерапија, звучна терапија, се користат и слушни помагала. Кај анксиозни нарушувања – психотерапија.

Медикаментозен третманЗа третман на вертиго и често истовремено гадење и емеза се користат голем број на лекови, како антихистаминици, антихолинергици, антидопаминергици, бензодиазепини. Овие класи на лекови го модифицираат интензитетот на симптомите или можат да влијаат врз основниот процес на болеста. Повеќето од овие агенси,  имаат потенцијал да ја модулираат стапката на компензација за вестибуларното оштетување.

  • Антихолинергици, бензодиазепини – вестибуларни супресанти кои се користат кај Мениер-овата болест и вестибуларен невритис. Постарите пациенти се изложени на посебен ризик за несакани дејства на вестибуларните лекови за супресија (седација, зголемен ризик од паѓање, уринарна ретенција). Овие пациенти, исто така, имаат поголема веројатност да доживеат интеракции со лекови (односно, адитивни ефекти со други депресанти на ЦНС).
  • Антидопаминергици (прохлорперазин) – ублажуваат тешко гадење и повраќање поврзани со вртоглавица. Прохлорперазин може да предизвика несакани ефекти, вклучувајќи тремор и абнормални или несакани движења на телото и лицето, како и седација.
  • Gingko biloba – вазоактивен медијатор, кој служи како адјувантна терапија кај васкуларно вертиго. Сепак, има нејасен механизам на дејство, се смета дека е само периферен вазодилататор. Може да предизвика крварење.
  • Антихистаминиците (cinnarizine, циклизин , promethazine teoclate ) – олеснуваат помалку сериозни гадење, повраќање и симптоми на вртоглавица. Тие исто така прават седација, а може да предизвикаат и главоболка, вознемирен стомак, екстрапирамидален тремор. Цинаризинот е контраиндициран кај Паркинсонова болест, екстрапирамидални пореметувања, а во одредени случаи може да јави кожен лупус и зголемена телесна тежина како несакан ефект.
  • Бетахистин – аналог на хистамин, со централно и периферно дејство, подобрува циркулација и во кохлеарна регија, но и во мозокот. Лекот може да се користи за лекување на епизоди на вертиго предизвикани од вестибуларен невронитис или Мениер-ова болест. Може да се користи и за централно вертиго или вртоглавица со непозната причина. Делува како јак антагонист на Н3 – рецептори (зголемува ослободување на хистамин и инхибира создавање импулси во невроните) и слаб агонист на Н1 – рецептори (подобрува микроциркулација и пермеабилност во внатрешното уво). Делува преку механизам на централна компензација. Има дозно – зависно дејство. Бетахистин е докажано ефикасен лек, со безбеден профил – не маскира клиничка слика, не предизвикува седација, нема ограничување во должината на терапијата. Во поголема мера намалува VSM кај пациентите во споредба со цинаризин.
  • невропротективни медикаменти  (митохондријални антиоксиданти: алфа-липоична  киселина  и коензим Q10)
  • соодветен третман на останатите заболувања (хипертензија, спондилоза, депресија, анксиозност,).
  • профилактички агенси (антагонисти на калциумовите канали на L-каналот, трициклични антидепресиви, бета-блокатори) се потпора на третманот за вртоглавица поврзана со мигрена

Заклучок

Во последната деценија, епидемиолошките студии ги надополнија претходните публикации и обезбедија докази за високата преваленца на вертиго. Вертигото се јавува кај околу 15% – 20% од возрасните на годишно ниво. Вестибуларното вертиго изнесува околу една четвртина од жалбите за вртоглавица и има годишна преваленца од 5% и годишна инциденца од 1,4%. Преставува сериозен проблем кој секако не треба да се занемарува. Го намалува квалитетот на животот, па затоа потребен е негов третман. Целта е да се намали анксиозноста и социјалната изолација на пациентите, како и да се подобри субјективното чувство. Во голем број на случаи потребна е подолготрајна терапија, па затоа лекот од избор,покрај ефикасноста централно и периферно дејство, мора да е и со докажана висока безбедност.

Др. Спец. Влатко Миташев

Референци

  1. Baloh RW, Honrubia V. clinical neurophysiology of the vestibular system. 2nd ed. Philadelphia: FA Davis; 19902. Hain and Uddin 2003;
  2. Textbook of vertigo, diagnosis and management, F.Dispenza, Allexandro de Stefano, publ.Jaypee 2014
  3. Chawla N, Olshaker, JS. Diagnosis and management ofdizziness and vertigo. Emerg.med. clin. North Am. 2006;90:(2)291-304
  4. Derebery  MJ.  The diagnosis and treatment of dizziness.  Med Clin North Am.  1999;83:163–77
  5. Neuhauser HK. The epidemiology of dizziness and vertigo. HandbClin Neurol.2016;137:67-82. doi: 10.1016/B978-0-444-63437-5.00005-4.
  6. Anh T. Nguyen-Huynh. Evidence – based practice: Management of Vertigo. Published in final edited form as:OtolaryngolClin North Am. 2012 Oct; 45(5): 925–940.
  7. John C Li, MD. Benign Paroxysmal Positional Vertigo Guidelines. Arlen D Meyers. February 2018
  8. Mary Jo Howell Collie, MSN, RN, FNP-C. Vertigo: Diagnosis and Management. Clinical Reviews, 2013 December
  9. Keith A Marill. Central Vertigo. Barry E Brenner, MD. November 2018

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

Заборавено корисничко име или лозинка
Ве молиме внесете ја вашата email адреса. Корисничкото име и новата лозинка ќе ви бидат пратени по email.