Statins

Терапијата со статини се поврзува со ризик за диабетес тип 2

Терапијата со статини се поврзува со ризик за диабетес тип 2

Употребата на статини се поврзува со зголемен ризик за дисгликемија и развој на диабетес и е потврдена во неодамна публикуваната кохортна студија. Деталната анализа на здравствени досиеја и други податоци за пациентите корисници на приватно здравствено осигурување во среднозападните американски држави, дава реална слика како напорите за намалување на ризикот за срцеви болести може да придонесат за уште една загрижувачка медицинска состојба.

Статините се класа на лекови што го намалуваат холестеролот, редуцирајќи го ризикот за кардиоваскуларни заболувања. А, научниците тврдат дека пациентите што употребуваат статини имаат двојно зголемен ризик за дијагностицирање на диабетес, додека пак оние што применуваат статини повеќе од две години се соочуваат со повеќе од тројно зголемен ризик за развој на диабетес. Поврзаноста на продолжената употреба на статини и зголемен ризик за диабетес посочува на постоењето на дозно – зависна врска, односно причинко – последична врска. Овие научни сознанија отвораат потреба за дополнителна дискусија во однос на превенцијата на диабетес и зголемена свесност кај пациентите и здравствените работници за овој проблем.

Истражувачите посочуваат дека пациентите што примаат статини имаат за 6,5% поголема веројатност за загрижувачко високи вредности на HbA1c (рутински тест за проценка на гликемија во тек на период од неколку месеци).

Студијата публикувана во Diabetes Metabolism Research and Reviews, вклучила 4683 мажи и жени (што не биле дијагностицирани со диабетес) кандидати за терапија со статини врз основа на ризикот за кардиоваскуларни заболувања, кои претходно не биле подвргнати на статини. На приближно 16% од групата – 755 пациенти – им била пропишана терапија со статини во периодот на изведување на студијата од 2011 – 2014 година. Просечна возраст на испитаниците била 46 години.

Резултатите посочуваат на потребата од вметнување на промени во животниот стил (диета и физичка активност) и следење на пациентите што примаат статини со цел навремено да се откријат промени во метаболизмот на глукоза и проактивност во превенција на диабетес.

Иако, статините се со потврдени терапевтски придобивки, научниците и клиничарите треба дополнително да го истражуваат влијанието на статините врз човечкиот метаболизам, поспецифично интеракцијата помеѓу липидите и метаболизмот на јаглехидрати. Исто така, треба да се земе предвид потребата за спроведување на големи кохортни студии за целите на евалуација на целокупното влијание на статините врз човечкото здравје.

Студијата е спроведена ретроспективно, што всушност значи дека истражувачите ги разгледувале постоечките досиеја од група на пациенти за да одредат дали постои каква било врска помеѓу статините и диабетесот. Претходните студии сугерираат на оваа врска, додека пак овој дизајн овозможува преглед на она што се случува природно во клинички рамки. Студијата е дополнета со различни информации за популацијата на пациентите вклучително физички карактеристики (податоци за висина, телесна тежина, индекс на телесна маса, крвен притисок, холестеролемија, гликемија), степен на образование, етничка припадност, број на посети на лекар, број на посети на аптека и подигнување на лекови и др. сѐ со цел утврдување на врската помеѓу употребата на статини и диабетес. Оваа студија не одредува кој припадник на статините и во кои дози се поврзува со повисок ризик за диабетес. Друг недостаток на студијата е фактот дека поголемиот дел од испитаниците биле припадници на белата раса, но и недостигот на информации за придржувањето на пациентите кон терапијата. Исто така не било можно да се утврди кој од пациентите бил во зголемен ризик за развој на диабетес на почеток на студијата.

Референца:

  1. Zigmont, V.A., Shoben, A.B., Lu, B., Kaye, G.L., Clinton, S.K., Harris, R.E., Olivo-Marston, S.E. (2019). Statin users have an elevated risk of dysglycemia and new-onset-diabetes. Diabetes Metab. Res.DOI:10.1002/dmrr.3189.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

Заборавено корисничко име или лозинка
Ве молиме внесете ја вашата email адреса. Корисничкото име и новата лозинка ќе ви бидат пратени по email.