20171214110457

Терапијата со хормоналните контрацептиви асоцирана со зголемен ризик за суицидалност

Според студијата објавена во ноември во American Journal of Psychiatry, жените кои земаат хормонални контрацептиви имаат зголемен ризик од обид за самоубиство и самоубиство. Најголем релативен ризик е забележан кај жените во адолесцентните години. Добиените резултати посочуваат на потребата за поголема претпазливост при користење на хормонални контрацептиви  со цел навремено идентификување на појавата на промени во расположението кај жените кои ги користат.

Во студијата, во која се вклучени жени од на возраст над 15 години ( средна возраст 21 година), се евалуира поврзаноста помеѓу дневната употреба на хормонални контрацептиви и ризикот за обид за самоубиство или самоубиство. Во студијата не биле вклучени жени кои имале историја на  претходни обиди за самоубиство, употреба на антидепресиви, психијатриска дијагноза, дијагноза на карцином, или дијагноза на венска тромбоза, бидејќи овие фактори можат да влијаат и на употребата на хормоналните контрацептиви и на ризикот од самоубиство.

Речиси половина милион жени биле следени и евалуирани во текот на 8 години, период во кој биле забележани 6999 иницијални обиди за самоубиство и 71 самоубиство. Релативниот ризик за прв обид за самоубиство и самоубиство бил поголем помеѓу жените кои моментално земале хормонална контрацепција или неодамна земале орални контрацептиви, споредено со жени кои никогаш претходно не користеле хормонални контрацептиви.

Ризкот од обид за самоубиство варирал во зависност од различните видови на хормонални контрацептици. Релативниот ризик се проценува на 1.91 за комбинирани орални контрацептиви, 2.29 за орални контрацептиви кои содржат само прогестин, 2.58 за вагинални прстени, и 3.28 за хормоналните трансдермални фластери.

Поврзаноста помеѓу употребата на хормонални контрацептици и обидот за самоубиство за прв пат била забележана по 2-месечна употреба на контрацептивите; намалувачки тренд бил забележан по 1 година од употребата. Се претпоставува дека намалувањето на ризикот од обид за самоубиство 1 година по употребата е поради eлиминирање на испитаничките кои развиле несакани реакции како промена во расположението по иницијација на хормоналната контрацепција.

Студијата својата хипотеза ја објаснува и преку мифепристон кој е многу силен антипрогестерон и антиглукокортикоиден агенс кој покажува иницијални бенефити за лекување на депресија. Знаејќи дека нарушувањето на оската хипоталамус-хипофиза-адренална жлезда може да ги влоши симптомите на депресија, доколку таков лек може да се користи за лекување на депресијата, не е зачудувачки што оралните контрацептиви можат да ги дадат сосема спротивните ефекти – да предизвикаат депресија.

До сега вкупно пет студии, ги истражувале самоубиствата и обидите за самоубиство кај корисничките на хрмонална контрацепција. Резултатите од сите пет студии упатуваат на зголемен ризик од самоубиство, иако зголемувањето на ризикот е статистички значаен само кај една од петте студии и во ниту една од овие студии не биле вклучени млади жени на возраст помеѓу 15 и 25 години, група на пациентки која според најновата спроведена студија е најранлива популација на жени при експозиција на хормонална контрацепција.

Земајќи ја во предвид сериозноста на овие малку препознаени потенцијални несакани ефекти на хормоналните контрацептиви, здравствените професионалци кои ги пропишуваат и издаваат овие лекови, како и жените кои започнуваат со ваква терапија треба да бидат информирани за нивните ефекти. Исто така, обидите за самоубиство и самоубиствата треба да се додадат на листата на потенцијалните несакани ефекти од употребата на хормоналните контрацептиви. Се препорачува жените да го посетат својот гинеколог 3 месеци по започнување со хормоналната контрацепција со цел да се осигураат дека ново-започнатата терапија им одговара и да поразговараат за нивното ментално здравје. Жените кои решиле да започнат со хормонална терапија, важно е да бидат информирани за можните ризици и да бидат соодветно едуцирани за сите алтернативни опции.Тие мора да бидат се свесни за овој потенцијален несакан ефект на хормоналните контрацептици, со што доколку развијат знаци на депресија при започнувањето на хормоналната терапија, ќе имаат избор да размислат за алтернативна терапија. Лекарите треба да се повеќе внимателни кога пропишуваат хормонална контрацепција и да се осигураат дека не постои веќе постоечка депресија или пак дека пациентките немаат историја на обид за самоубиство или депресија за која биле третирани во минатото.

Референци: Charlotte Wessel Skovlund, Lina Steinrud Mørch, Lars Vedel Kessing, Theis Lange, and Øjvind Lidegaard. Association of Hormonal Contraception With Suicide Attempts and Suicides. American Journal of Psychiatry 0 0:0. 2017 Nov

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

Заборавено корисничко име или лозинка
Ве молиме внесете ја вашата email адреса. Корисничкото име и новата лозинка ќе ви бидат пратени по email.