Variola Virus

Tecovirimat- првиот лек одобрен за третман на големи сипаници предизвикани од вирусот на вариола

Tecovirimat– првиот лек одобрен за третман на големи сипаници предизвикани од вирусот на вариола

FDA го одобри tecovirimat (TPOXX, SIGA Technologies), првиот лек индициран за перорална употреба во третманот на симптоматски големи сипаници предизвикани од вирусот на вариола.

Иако, според Светската здравствена организација (СЗО) големите сипаници се ерадицирани уште во осумдесеттите години на минатиот век, сè уште постои одреден став и загриженост дека вирусот што го предизвикува ова инфективно заболување може да се искористи како биолошко оружје.

Со цел да се реши ризикот од биолошки тероризам, FDA ги презема овие чекори за развој и одобрување на мерки во насока на спречувња на употребата на овие патогени како биолошко оружје. Тоа ја рефлектира посветеноста на FDA и подготвеноста за било каква јавна здравствена ургентност со навремено достапни, безбедни и ефикасни медицински производи.

Tecovirimat делува насочено кон p37 протеинот кодиран од генот C17L на вирусот на вариола и го спречува неговото ширење во организмот. Вирусот на вариола е ДНК вирус и спаѓа во фамилијата поксвируси. Вирусот на вариола е патоген само за луѓето и постои во два видови variola major и variola minor. Variola minor предизвикува инфекција што се карактеризира со површински кожни промени и полесна симптоматологија. Додека пак, variola major предизвикува предизвикува тешко, акутно и контагинозно карантинско заболување кај човекот- големи сипаници.  Големите сипаници се деструктивна инфективна болест проследена со висок ризик од морбидитет и морталитет.

Пред неговата ерадикација, вирусот на вариола се пренесувал од заболен човек во било кој стадиум на болеста по капков пат (орален, назален и бронхијален секрет) или преку директен контакт (содржина на везикули, пустули). Симптомите на големите сипаници вообичаено почнувале 10 до 14 дена по инфицирањето и вклучувале треска, замор, главоболка и болка во грбот. Првите видливи лезии се јавуваат на мукозата во усната празнина, грлото и јазикот во вид на петехии. На кожата се појавуваат генерализирани везикули, кои подоцна се претвораат во пустули што потоа формираат кора, паѓаат и оставаат лузна на кожата. Тешките компликации на големите сипаници се лузни на кожата, енцефалитис, корнеални улцерации и слепило, а постои и висок ризик од фатален исход.

Ефективноста на tecovirimat против големите сипаници е демонстрирана во студии на животни инфицирани со вирус во блиско сродство со вариола вирусот. Повеќето животни третирани со tecovirimat преживеале, во споредба со плацебо. Резултатите од истражувањето демонстрираат дека tecovirimat ефикасно ја намалува смртноста и клиничките симптоми на болеста при администрација во осум денови после вирусна експозиција на животните.

Tecovirimat е одобрен под правилото за тестирање врз животни од страна на FDA, кое дозволува откриените податоци од истражувањата врз животни да се искористат за одобрување на лекот кога е невозможно или неетички истото истражување да се спроведе на луѓе.

Безбедноста на Тecovirimat била демонстрирана кај 359 здрави доброволци без инфекција со мали сипаници. Најчестите пријавени несакани ефекти се главоболка, наузеја и абдоминална болка.

Референци:

  1. Russo AT, Grosenbach et al. Effects of Treatment Delay on Efficacy of Tecovirimat Following Lethal Aerosol Monkeypox Virus Challenge in Cynomolgus J Infect Dis. 2018 Jul 5. doi: 10.1093/infdis/jiy326.
  2. Grosenbach DW et al. Oral Tecovirimat for the Treatment of N Engl J Med. 2018 Jul 5;379(1):44-53. doi: 10.1056/NEJMoa1705688.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

Заборавено корисничко име или лозинка
Ве молиме внесете ја вашата email адреса. Корисничкото име и новата лозинка ќе ви бидат пратени по email.