2.

СЗО започнува со SOLIDARITY, обемна глобална студија за третман на COVID-19

Комбинација на лекови кои се користат во третман на HIV. Лекови против маларија тестирани првпат за време на втората светска војна. Нов антивирусен лек развиен за терапија на ебола, кој не ги дал очекуваните резултати минатата година за време на епидемијата во Централна Африка.

Дали некој од овие лекови го има потенцијалот да ја намали смртноста или сериозноста на симптомите кај пациентите болни од COVID-19? Минатиот петок, Светската Здравствена Организација (СЗО) најави почеток на голема глобална студија, наречена СОЛИДАРНОСТ (SOLIDARITY), со цел да се открие потенцијалот на некој од овие лекови за третман на новата респираторна инфекција предизвикана од SARS-CoV-2 вирусот. Се работи за извонреден, сеопфатен и координиран обид да се соберат робустни научни податоци во брзо време, за време на пандемијата. Оваа студија која би вклучувала илјадници пациенти од десетици земји е дизајнирана на едноставен начин со цел да учествуваат дури и болници кои се оптоварени со пациенти инфицирани од новиот коронавирус.

Бидејќи околу 15% од пациентите болни од COVID-19 презентираат сериозни симптоми, а болниците ги исполнуваат целосно своите капацитети, потребно е итно пронаоѓање на соодветен третман. Имајќи во предвид дека се потребни неколку години за развој и испитување на сосема нови соединенија за третман на оваа вирусна инфекција, научниците и подрачните министерства и институции се обидуваат да искористат веќе одобрени лекови за други болести за кои се покажало дека се генерално безбедни. Освен овие, научниците ги проучуваат и лековите кои покажале добар ефект во анималните модели кај другите два коронавируси, SARS и MERS, а не се регистрирани за човечка употреба.

Успешниот третман би требало да го редуцира морталитетот кај пациентите со сериозни симптоми, но можеби би можел да се дава и профилактички кај медицинскиот персонал и другите ризични групи. Третманот би го редуцирал времето кое пациентите го поминуваат во интензивна нега, ослободувајќи болнички кревети, круцијални во времето на пандемијата.

Научниците предлагаат десетина познати компоненти за тестирање, но СЗО се фокусира на четири лекови кои ветуваат најмногу: експерименталниот антивирусен лек наречен remdesivir; антималариците хлорохин и хидроксихлорохин; комбинација на два анти-HIV лекови, лопинавир и ритонавир; и комбинација помеѓу веќе споменатитр анти-HIV лекови и интерферон-β. Постојат некои студии изведени врз пациенти кои боледуваат од COVID-19 (комбинацијата на анти-HIV агенси во Кина не даде успех), меѓутоа СЗО смета дека е потребна голема студија со цел да се извлече правилниот заклучок.

Вклучувањето на пациенти во SOLIDARITY ќе биде многу едноставно – кога на соодветен пациент ќе му биде воспоставена оваа дијагноза, докторот може да ги внесе информациите за пациентот на страната на СЗО, вклучувајќи и податоци за други коморбидитети кои би можеле да го сменат текот на болеста, како дијабетес или HIV инфекција. Пациентот мора да потпише информирана согласност која се скенира и се доставува до СЗО во електронска форма. Откако лекарот ќе утврди кои лекови се достапни во болницата во која се лекува пациентот, елекронски, по случаен избор ќе биде одредена терпијата која треба да му се ординира на пациентот, според достапноста или локалниот стандарден третман за пациенти болни од COVID-19.

Оваа студија нема да биде двојно-слепа, златниот стандард во медицинските истражувања, па затоа се очекува плацебо ефект кај пациенти кои знаат дека примиле одредена кандидат молекула. Сепак СЗО е со уверување дека треба да се воспостави баланс меѓу научната ригорозност за сметка на брзината на студијата. Идејата за започнување на SOLIDARITY се појави пред две недели и агенцијата смета дека центрите за data management и анализирање на документацијата ќе бидат основани во текот на оваа недела.

Оние болници кои не би биле презаситени со пациенти, можеби ќе имаат ресурси за дополнителни информации, како определување на viral load во брисовите земени по претходно дефинирана постапка. Сепак, имајќи во предвид дека се работи за нова болест, научниците не би знаеле што значи намалување на viral load во брисот, односно дали тоа дефинитивно сугерира на подобар исход од болеста. За јавното здравје, според СЗО, најважен е наједноставниот исход од болеста, односно дали пациентот се излечил и временскиот период во кој тој бил позитивен на вирусот.

Во неделата, INSERM (the French biomedical research agency), објави дека ќе координира дополнителна студија во Европа, под името Discovery, која ќе го следи примерот на студијата организирана од СЗО и ќе вклучи околу 3200 пациенти од најмалку седум држави, од кои 800 ќе бидат од Франција. Оваа студија ќе ги испитува истите лекови, со исклучок на хлорохинот. Други држави и болници можат да организираат така наречени add-on студии, во кои би биле употребени и дополнителни техники, како определување на вирусно оптоварување, биохемиски параметри и рентген на белите дробови.

Листата на лекови кои ќе се тестираат во оваа студија, била создадена на почетокот на Јануари од страна на СЗО и еминентни научници од повеќе полиња. Групите на лекови кои ќе се истражуваат имаат најголема веројатност за успех во терапијата, како и доволно добри податоци за безбедноста од досегашната употреба и ги има во доволна количина за да се третираат потенцијалните субјекти вклучени во студијата.

Во продолжение е листата на лекови кој ќе се испитуваат во SOLIDARITY:

Remdesivir

Оргинално развиен од страна на Gilead Sciences за третман на ебола, овој лек ја прекинува вирусната репликација со инхибирање на РНК-зависната РНK полимераза. Eфикасноста на remdesivir, испитана за време на појавата на ебола за време на епидемијата во Демократска Република Конго, не била докажана, односно лекот не ги дал посакуваните ефекти, меѓутоа во 2017 година истражувачите од University of North Carolina, Chapel Hill, откриле дека овој лек може да ја инхибира репликацијата на коронавируси како SARS и MERS.

Првиот пациент во САД дијагностициран со COVID-19, бил третиран со remdesivir, при што состојбата му се влошила, а наредниот ден нагло му се подобрила. Пациент од Калифорнија кој го примил овој лек и за кој докторите имале лоша прогноза, оздравел по ординирањето на терапијата.

Иако овие индивидуални случаи не се доказ дека лекот е ефикасен и безбеден, некои научници сметаат дека од групата на лекови кои ќе се употребат во SOLIDARITY, remdesivir  има најголем потенцијал да се употребува клинички. Особена предност на овој лек е тоа што веројатно високи дози не би предизвикале определени токсични ефекти врз пациентот.

Потентноста би била поголема доколку се даде при почетокот на инфекцијата, кај луѓе со лесни симптоми, меѓутоа бидејќи се работи за интравенско ординирање и има висока цена, 85 од 100 пациенти не би имале целосен бенефит од овој лек.

Hydroxychloroquine и chloroquine

СЗО при дизајнирање на SOLIDARITY првично го отфрлиле тестирањето на овие лекови, но на состанокот на 13ти март во Џенова било одлучено сепак да се испита нивниот потенцијал во третман на оваа вирусна инфекција.

Овие два лекови делуваат со намалување на киселоста во ендозомите, клеточни органели кои го дигестираат материјалот кој навлегува од надворешноста на клетката, па со нивна употреба би се спречило превземање на функцијата на клетката од страна на вирусните партикли кои навлегуваат преку ендоцитоза. In-vitro студиите покажале дека хлорохинот поседува активност против SARS-CoV-2, но вообичаените дози се високи и даваат сериозни несакани ефекти.

Ritonavir/ Lopinavir

Комбинацијата на овие лекови, под генеричко име Калетра, во САД била одобрена во 2000 година за третман на HIV инфекција. Abbott Laboratories го развиле lopinavir за специфично да ја инхибира HIV протеазата. Меѓутоа овој лек многу брзо се уништува од човековите протеази, па дополнување на терапијата со ниски дози на ritonavir, друг протеаза инхибитор, дозволуваат подолг период на елиминација на lopinavir.

Оваа комбинација ги инхибира протеазите и на другите вируси, особено коронавирусите, при што било докажана нивната ефикасност кон MERS кај еден вид на примати. Нивната ефикасност била испитана и кај пациенти болни од SARS и MERS но резултатите биле двосмислени.

Првата студија со употреба на оваа комбинација кај пациенти со COVID-19 не дала охрабрувачки резултати. Студијата била изведена врз 199 пациенти, при што еден дел од пациентите примале двапати дневно по две таблети на ritonavir/ lopinavir и стандардна нега, а другата контролна група примала само стандардна нега, при што не била забележана сигнификантна разлика на исходот измеѓу овие две групи. Меѓутоа авторите нагласиле дека пациентите биле со многу тешка клиничка слика -петтина од нив починале- па веројатно третманот бил администриран во подоцнежна фаза, во која комбинацијата не може да ја покаже својата ефикасност. Иако овие лекови се генерално безбедни, тие покажуваат интеракции со лекови кои вообичаено се даваат кај сериозно болни пациенти и можат да предизвикаат определено црнодробно оштетување.

Ritonavir/ Lopinavir и интерферон-β

Во SOLIDARITY ќе се испита и комбинацијата помеѓу овие два анти-HIV лекови и интерферон-β, молекул кој ја регулира инфламацијата во организмот. Оваа тројна комбинација покажала ефект кај примати инфицирани со MERS. Комбинацијата на овие три лекови во 2020 се испитува и кај пациенти со MERS во Саудиска Арабија во првата рандомизирана контролирана студија за оваа инфекција.

Употребата на интерферон-β кај пациентите со сериозна клиничка слика предизвикана од COVID-19 може да биде ризична, бидејќи администрирање во доцна фаза од болеста може да доведе до дополнително оштетување на белите дробови.

 

Дизајност на студијата насловена како SOLIDARITY, може да се промени во секој момент. Мониторингот на податоците кои пристигнуваат од учесниците во студијата редовно ќе биде спроведуван, при што на точно определени временски интервали ќе се прави процена кој од квартетот на лекови дава посакувани резултати, а кој треба да прекине да се употребува заради несоодветна ефикасност. Неколку други лекови, како на пример favipiravir, произведен од јапонската Toyama Chemical, кој се користи во третман на грип, можат да биде вклучени во понатамошната студија.

REFERENCE:

WHO LAUNCHES GLOBAL MEGATRIAL OF THE FOUR MOST PROMISING CORONAVIRUS TREATMENTS published on March 22, 2020.

https://www.sciencemag.org/news/2020/03/who-launches-global-megatrial-four-most-promising-coronavirus-treatments

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

Заборавено корисничко име или лозинка
Ве молиме внесете ја вашата email адреса. Корисничкото име и новата лозинка ќе ви бидат пратени по email.