Diabetes

Сулфонилуреа дериватите, како втора линија на третман на дијабетес тип 2 се поврзани со ризик од кардиоваскуларни и хипогликемични настани

Сулфонилуреа дериватите, како втора линија на третман на дијабетес тип 2 се поврзани со ризик од кардиоваскуларни и хипогликемични настани

Резултатите од нова опсервациска студија објавена од страна на истражувачи од McGill University посочуваат дека супституција на метформин со сулфонилуреа деривати кај пациенти со дијабетес тип 2 го зголемува ризикот од кардиоваскуларни и сериозни хипогликемични настани. Се смета дека додавање на сулфонилуреата како комбинирана терапијата со метформин е асоцирано со помала инциденца на овие несакани исходи.

Сулфонилуреа дериватите се орални хипогликемични агенси индицирани како втора линија на третман на пациенти со дијабетес тип 2. И покрај постоењето на нови лекови за третман на дијабетес, сулфонилуреа дериватите се најчесто пропишувани лекови после неуспешна контрола на хипергликемијата со примена на метформин. Метформинот е орален хипогликемичен агенс и претставува лек од прв избор за третман на дијабетес тип 2. Безбедноста на сулфонилуреа дериватите е интензивно проучувана. И токму во таа насока, спроведена е оваа студија фокусирана специфично на евалуација на ризикот од кардиоваскуларни настани и сериозна хипогликемија поврзан со употребата на сулфонилуреа деривати како втора линија на тертман на неконтролиран дијабетес после примена на монотерапија со метформин или комбинација на овие два лека. Истражувачите спроведиле преглед на податоци од повеќе студии за специфичниот ризик при тераписка супституција или додавање на сулфонилуреа во комбинирана терапија со метформин наспроти монотерапија со метформин.

Во студијата биле вклучени 77 138 пациенти со дијабетес тип 2, на средна возраст од 64 години кои започнале терапија со метформин во периодот помеѓу 1998 и 2013 година. Биле идентификувани пациентите кај кои последователно е иницирана употреба на сулфонилуреа дериват како втор лек во терапијата и пациентите кај коишто е извршена тераписка супституција на метформинот со сулфонилуреа дериват. Потоа е направена споредба со пациенти коишто продолжиле монотерапија со метформин. Во целокупниот период биле евалуирани и регистрирани сите болнички приеми како резултат на миокарден инфаркт, исхемичен напад или смрт од било каква друга причина. Исто така, биле регистрирани и сите случаи на сериозна хипогликемија кај овие пациенти.

После просечен период на следење од 1 година, резултатите посочуваат дека употребата на сулфонилуреа дериват го зголемува ризикот за микарден инфаркт од 6.2 на 7.8 од 1000 пациенти годишно. Бројот на смртните случаи бил зголемен на 27.3 од 1000 лица наспроти 21.5 пациенти од 1000 кои примале монотерапија со метформин, додека бројот на случаи на сериозна хипогликемија се зголемил на 5.5 лица од 1000 лица споредено со 0.7 пациенти од 1000 соодветно. Овој растечки тренд при употреба на сулфонилуреа деривати бил исто така идентификуван кога станува збор и за исхемичен напад (раст од 5.5 на 6.7 пациенти од 1000 годишно), како и за смртни случаи резултат на кардиоваскуларно заболување (пораст од 8.1 на 9.4 пациени на 1000 годишно).

Дополнително на тоа, резултатите покажале дека целосна супституција на метформинот со сулфонилуреа дериват е асоцирана со поголем ризик од миокарден инфаркт и смрт, но кога станува збор за исхемичен напад или сериозна хипогликемија анализата на податоците не покажала разлика.

И покрај тоа што станува збор за обсервациска студија, поради големиот број на испитаници резултатите се сметаат за статистички значајни. Авторите на студијата сугерираат дека продолжувањето на терапијата со метформин при иницирање на употреба на сулфонилуреа деривати е побезбеден тераписки пристап кај пациенти со дијабетес тип 2, наспроти целосна супституција на метформинот.

Референца:

  1. Douros A et al., Sulfonylureas as second line drugs in type 2 diabetes and the risk of cardiovascular and hypoglycaemic events: population based cohort study. BMJ. 2018 Jul 18;362:k2693. doi: 10.1136/bmj.k2693.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

Заборавено корисничко име или лозинка
Ве молиме внесете ја вашата email адреса. Корисничкото име и новата лозинка ќе ви бидат пратени по email.