Propeller Health

Примена на дигитални сензори за оптимизација на терапијата за контрола на симптоми на астма

Примена на дигитални сензори за оптимизација на терапијата за контрола на симптоми на астма

Терапијата за контрола на симптомите на астма вклучува примена на бронходилататорни (антихолинергици и β2 – агонисти) и антиинфламаторни лекови (кортикостероиди). Овие лекови се формулирани како раствори, аеросоли или небули наменети за администрација по пат на инхалација со помош на прецизни инхалатори.

За постигнување на оптимална контрола на симптомите и превенција од егзацербација на астмата, неопходен е долгорочен третман и правилна техника на инхалација при употреба на инхалаторите. Правилната техника на инхалација вклучува: бавно и длабоко вдишување синхронизирано со истиснување на лек од инхалаторот, задржување на здивот (со цел лекот да се дистрибуира во долните дишни патишта) и споро издишување. Доколку е пропишана повисока доза, тогаш е потребно повеќе пати да се истисне лек на временско растојание од најмалку 30 секунди помеѓу две „прскања“.

Придржувањето кон препораките за инхалациона администрација на антиастматските лекови и правилната употреба на инхалаторите овозможува лекот да биде испорачан во долните дишни патишта, каде што го манифестира своето дејство. Несоодветна техника на инхалирање, потенцијално ќе резултира со отсуство на тераписки ефект на лекот, но и појава на несакани ефекти. Пример, брзо дишење и недоволно долго задржување на здивот ќе резултира со заостанување на лекот во горните дишни патишта (грлото и ларинксот) и појава на локални несакани ефекти (кашлица, кандида и сл.).

Една од најчестите грешки кои ги прават пациентите е краткото временско растојание помеѓу две „прскања“ на лекот. Неодамна публикуваната студија во списанието The Journal of Allergy and Clinical Immunology: In Practice, посочува на фактот дека 84% од луѓето што страдаат од астма не ги употребуваат инхалаторите на соодветен начин и со соодветна техника. Ова научно сознание е резултат на следење на начинот на примена на инхалатор кај 7600 пациенти заболени од астма. Со цел да се одреди техниката на инхалирање, бил поврзан сензор за пропелер на инхалаторот и на таков начин бил овозможен реален увид на начинот на примена на лековите.

Резултатите укажуваат дека приближно 70% од пациентите чекале помалку од 15 секунди помеѓу две „прскања“ на лекот. Само 16% од пациентите се придржувале до препораките за правилна инхалациона примена на лекот. Согласно добиените резултати, несоодветната употреба на инхалаторот е почеста кај пациентите на возраст помеѓу 18 и 29 години неправилно во споредба со децата на возраст од 4 – 11 години.

Според авторите на студијата, примената на дигитални сензори има значаен потенцијал во унапредување на техниката на инхалирање во вистинско време, посебно бидејки сензорот може да се користи  во комбинација со било кој вид на инхалатор и нивната употреба е едноставна. Примената на дигиталните сензори би допринела  за оптимизација на третманот, подобрување на контролата на симптомите на астма и зголемено придржување до терапијата.

Референца:

Anderson, William C. et al. (2019). Screening for inhalation technique errors with electronic medication monitors. The Journal of Allergy and Clinical Immunology: In Practice , doi: https://doi.org/10.1016/j.jaip.2019.02.006

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

Заборавено корисничко име или лозинка
Ве молиме внесете ја вашата email адреса. Корисничкото име и новата лозинка ќе ви бидат пратени по email.