Hypertension

Придобивки на индамапид и хлорталидон како диуретици од избор наспрема хидрохлортиазид во третман на хипертензија

Придобивки на индамапид и хлорталидон како диуретици од избор наспрема хидрохлортиазид во третман на хипертензија

Тиазидните диуретици се често употребувани лекови во третманот на хипертензија. Во последните години, големо внимание се посветува на интерваријабилноста на thiazide-type диуретици: хидрохлортиазид (HCTZ) и thiazide-like диуретици вклучувајќи ги: индапамид (IDP) и хлорталидон (CTD) за третман на хипертензија.

Механизмот на дејство на тиазидните диуретици се манифестира после нивна секреција преку транспортерот на органски киселини и последователна инхибиција на електронеутралниот Na+Clкотранспортер кој се наоѓа на апикалната мембрана на дисталните тубули преку компетитивна инхибиција за хлоридниот дел. Преку инхибиција на Na+каналите осетливи на амилорид се предизвикува натриуреза и последователно губење на вода. Исто така, овие лекови ја промовираат екскрецијата на K+, H+ и Mg2+ доведувајќи до метаболна хипокалемична алкалоза.

По примена на поединечни дози, хидрохлортиазид постигнува максимална плазма концентрација после 2 часа и полуживотот на елиминација изнесува околу 6.5-9 часа. Ваквиот полуживот на елиминација сугерира негово дозирање двапати на ден. Во споредба со хидрохлортиазид, хлорталидон има подолг полуживот на елиминација, скоро 42 часа, при што еквивалентна доза на хлорталидон е всушност 50-75% од дозата на хидрохлортиазид. Што се однесува до индапамид, овој лек покажува некои разлики во однос на другите диуретици. Покрај својствата на диуретик, индапамид поседува и протективни својства во случај на васкуларни оштетувања или оштетувања на органи.

Антихипертензивните лекови не само што го намалуваат крвниот притисок, туку постојат и придобивки во однос на кардиоваскуларниот систем, како антиинфламаторни и анти-атеросклеротични ефекти, подобрување на кардијалната функција и заштита на органите.

Голем дел од спроведените мета-анализи на клинички испитувања со хидрохлортиазид наспрема хлорталидон или хидрохлортиазид наспрема индапамид ги евалуираат систолниот и/или дијастолниот притисок, инциденцата за хипокалемија, хипонатремија и промената на вкупен серумски холестерол и глукоза во однос на изборот на терапија. Резултатите од ваквите мета-анализи покажуваат дека употребата на индапамид и хлорталидон има предност во однос на намалување на систолниот и дијастолниот крвен притисок без значајно зголемување на ризикот од хипокалемија и хипонатремија и не предизвикува промена во нивото на гликоза во крвта и вкупниот серумски холестерол споредено со хидрохлортиазид.

Во однос на антихипертензивниот ефект, хлорталидон е двојно попотентен во споредба со хидрохлортиазид, додека индапамид и хидрохлортиазид имаат слична антихипертензивна ефикасност. Индапамид со продолжено делување покажува поголема редукција на крвниот притисок и за разлика од хидрохлортиазид ги блокираат изоензимите на јаглеродната анхидраза, промовираат ангиогенеза и ја намалуваат васкуларната пермеабилност и агрегацијата на тромбоцитите.

Главните придобивки на индапамид во однос на другите тиазидни диуретици се:

  • Поседува подолг полуживот на елиминација и подолго дејство во споредба со хидрохлортиазид
  • Подобрува ренална функција
  • Намалува лево вентрикуларен масен индекс кај пациенти со хипертензија
  • Намалена инциденца на хипонатремија и хипокалемија
  • Минимално зголемување на серумската концентрација на урична киселина и нивоата на холестерол
  • Минимален ризик за настанување на дијабетес (не влијае врз нивото на гликоза во крв, А1c и резистенцијата кон инсулин)
  • Намален ризик за мозочен удар, срцева слабости кардиоваскуларна смрт за 39%, 64% и 21%,соодветно кај пациенти постари од 80 години
  • Ја подобрува ендотелиелната и артериската функција

Според National Institute for Health and Care Excellence (NICE) водичите, кај пациентите кај кои е потребно да се иницира или да се промени третманот со диуретици, се препорачуваат тиазидни диуретици како хлорталидон во дози од 12.5-25.0 mg еднаш на ден и индапамид со модифицирано ослободување во дози од 1.5 mg еднаш дневно или 2.5 mg еднаш дневно наспрема конвенционалните тиазидни диуретици како бендрофлуметазид или хидрохлортиазид.

И покрај фактот дека хидрохлортиазид е многу почесто пропишуван во споредба со индапамид и хлорталидон не постојат докази дека монотерапија со хидрохлортиазид го намалува морбидитетот или морталитетот кај пациенти со хипертензија.

Референци:

  1. Liang W. et al. Comparison of thiazide‐like diuretics versus thiazide‐typediuretics: a meta‐ Journal of Cellular and Molecular Medicine. 21(11):2634-2642;2017
  2. Di Nicolantonio JJ. et al. Evidence-based diuretics: focus on chlorthalidone and indapamide. Future Cardiology. 11(2):203-217; 2015

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

Заборавено корисничко име или лозинка
Ве молиме внесете ја вашата email адреса. Корисничкото име и новата лозинка ќе ви бидат пратени по email.