2410394

ПРЕЛИМИНАРНИ РЕЗУЛТАТИ ОД ВТОРИОТ ПРАШАЛНИК НАМЕНЕТ ЗА АПТЕКИТЕ “УЛОГАТА И АКТИВНОСТИТЕ НА ФАРМАЦЕВТИТЕ ВО АПТЕКИТЕ ВО Р.С. МАКЕДОНИЈА ВО ПЕРИОДОТ НА COVID-19 ПАНДЕМИЈА”

Почитувани колеги,

На 24.04.2020 година, Центарот за континуирана едукација и Националниот фармакоинформативен центар при Фармацевтскиот факултет, Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје започнаа со истражување “ УЛОГАТА И АКТИВНОСТИТЕ НА ФАРМАЦЕВТИТЕ ВО Р.С. МАКЕДОНИЈА ВО ПЕРИОДОТ НА COVID-19 ПАНДЕМИЈА”.

Истражувањето се спроведува во време кога и на глобално ниво се поставува прашањето: Дали фармацевтите се заборавените здравствени работници?.  Од 05.05.2020  во обидите да се даде одговор на ова прашање, како поддршка на фармацевтите кои се прва линија на одговор во тековната здравствена криза, активно се вклучува и Агенцијата за лекови и медицински средства (МАЛМЕД).

Во прилог ги споделуваме со вас прелиминарните резултати од вториот прашалник  кој беше наменет за аптеките, со цел согледување на улогата и активностите на фармацевтите во аптеките во Р.С. Македонија во периодот на COVID-19 пандемија. Прашалникот, планиран да се  дистрибуира на квартално ниво,  треба да обезбеди увид во динамиката и карактерот на аптекарската пракса со цел да се направи кванитативна (број на услужени пациенти, број на издадени рецепти) и квалитативна  (најчести барања  од пациентите, услуги кои ги обезбедиле, проблеми кои ги идентификувале во комуникација со пациентите – поврзани со лекови, однос на пациенти и сл., проблеми кои ги идентификувале во однос на организација на работата) карактеризација на фармацевтските услуги во период пред здравствената криза, за време и во претпоставениот пик на кризата и после пикот на кризата.

 

Искрена благодарност до сите кои досега активно се вклучија и ја подржаа оваа иницијатива.

 

 

Прашалникот за првиот квартал на годината (Јануари- Април) беше испратен директно на е-mail aдресите на 903 аптеки наведени во регистерот на аптеки достапен на lekovi.zdravstvo.gov.mk на 29.04.2020 (во регистарот на МАЛМЕД достапен на неговата веб страна има 1146 аптеки, од кои 145 се затворени. Прашалникот е пратен до 903 аптеки за кои има e-mail адреса,  за 98 аптеки нема наведено e-mail адреса).

Според прелиминарниот пресек на податоците, во периодот од 29.04-27.05, кон прашалникот пристапиле 386 аптеки (42,75% од 903 аптеки), а комплетно го одговориле 214 аптеки (23,7% од 903 аптеки). Согласно добиените резултати од комплетно одговорените анкетни прашалници, за период од 4 месеци,:

  1. вкупно 3, 611 974 пациенти добиле фармацевтска услуга во анкетираните аптеки или во просек/ по аптека на месечно ниво 4,219.6 пациенти. Споредено со првите три месеци од 2020, во просек за 1000 пациенти помала посетеност на аптеките се бележи во Април.

 

  1. најголем број на посети на пациенти во аптеките се регистрира во првата недела од секој од месеците (од 1 до 7ми ден во месецот).

 

  1. Реализирани се вкупно 2,392,326.0 рецепти, односно во просек/ по аптека на месечно ниво 2,975.53 рецепти. Најголем број на реализирани рецепти се бележат во месец март, а значајно помал број во месец април.

 

  1. Споредено со периодот пред COVID-19 пандемијата (јануари/февруари), во текот на месеците март и април,
    1. приближно 91 % од аптеките бележат поголемо издавање на ОТЦ препарати ( витамини, аналгетици, антипиретици)
    2. приближно 92 % од аптеките бележат разлика во барањата/потребите за фармацевтска грижа на пациентите кои се однесуваат пред се на  Упатства за користење на заштитни маски, ракавици, средства за дезинфекција (22%), но и генерално зголемување на проблемите на пациентите поврзани со третман на болеста (47,8%) и проблеми со пропишување на терапија.
    3. Според доставените коментари на аптеките:

 

  • ” Поголемиот дел од луѓето свесно ги избегнуваа посетите кај матичните лекари и не посетуваа со цел да им се помогне со нарушената здравствена состојба. Се консултираа со нас за продолжување или прекин на одредена терапија, промена на лек кој немал ефект а бил претходно препишан од матичниот. Поголема беше и побарувачката на седативи, средства за дезинфекција”.

 

  • “Пациентите бараат Упатства како да се заштитат подобро од вирусот во смисла кои витамини и минерали да ги земаат, како да ги пијат и сл. , како да ја земаат секојдневната хронична терапија — интеракции и несакани дејства, а доста работи и сами решаваме и ординираме терапија, секако до одредена граница каде мора да се посети лекар. Во таа смисла нашата улога како фармацевти дојде на вистинското место (посебно откако матичните лекари не примаа пациенти), нашите совети беа слушнати и мислам дека  конечно се виде клучната улога на фармацевтите во целокупниот здравствен систем (тука секако е и  емпатијата која секојдневно безрезервно и неуморно се споделува кон пациентот), упатство за користење на ОТЦ препаратите и насоки за заштита на здравјето”.

 

  • “Пациенти доаѓаа со барање да си купат сумамед и резорхин”

 

  1. Приближно 46.7% од аптеките се соочиле со проблеми во односот на пациентите кон вработениот персонал (агресивност, непочитување).

 

  1. Промената на работното време
  • влијае на благостојбата на вработените во аптека (69,85%)
  • го зголеми обемот на работа и оптеретувањето на вработените во аптеката (71,86 %)

 

6.Приближно 21% од аптеките практикуваат достава на лекови до домовите на ранливите категории на пациенти. Од оние кои моментално не обезбедуваат ваков тип на фармацевтска услуга, приближно 18,47 % размислуваат/се подготвуваат за истата во периодот кој следи.

 

  1. Аптеките јасно посочуваат дека се во можност непречено и континуирано да продолжат со давањето совети за “само-грижа“ на своите пациенти (97,99 %).

 

  1. Приближно 49% од аптеките посочуваат дека добиле насоки и препораки за организирање на работата за време на пандемијата, иницијално од менаџментот на аптеките согласно општите насоки на Министерството за здравство, подоцна официјално проследени за спецификата на професионалното делување и од  Фармацевтската комора.

 

  1. Во однос на дополнителни забелешки и сугестии, генерално ги издвојуваме следните коментари:

 

  • “Фармацевтите останавме последна нишка на здравството, а сите пациенти прво доаѓаа кај нас и ги примивме да влегуваат во аптека да им дадеме совети и лекови или ОТЦ препарати бидејќи матичните лекари и специјалистите не ги примаа во амбуланта – само телефонски смееа да им се јават. Многу пациенти доаѓаа и со симптоми на настинка, можеби и со симптоми на COVID, не сакаа да одат на лекар и покрај нашите пепораки, за да не ги стават во карантин и бараа да им се издаде tylol hot, caff cold, paracetamol,  vick ung и сл“.
  • “Мислиме дек сме заборавени вработените во аптека од страна на Државните институции задолжени за справување со пандемијата на COVID 19, а исто така и пациентите немаат почит кон Аптеката како ПЗУ, и кон нас како вработени“.
  • Релевантните институции би требало да посветуваат барем малку поголемо внимание и интерес за улогата и придонесот на фармацевтската фела во вакви услови на пандемија и опасност по здравјето на пациентите“.
  • “Професионално и со задоволство работиме за време на пандемијата. Целиот тим бевме со ризик ( бременост, хронични болести – асматичар, мајка на мало дете) , но останавме за да им помогнеме на нашите пациенти бидејќи ние постоиме за да се грижиме за нивното здравје“.
  • “Аптеките се соочуваат со проблем при издавање на комерцијални лекови, бидејќи дел од матичните лекари не им ги препишуваат на пациентите, така што тие доаѓаат до заклучок дека не им е потребен рецепт. Со воведувањето на Е-рецепт, потребно е и комерцијалните лекови на некој начин да бидат регистрирани во системот, како би немале проблеми со издавањето на таа категорија на лекови“.
  • “Без разлика дали ќе биде ова првиот бран од пандемијата или ќе се стивне целосно, ние и покрај големата изложеност и притисокот со кој се соочивме во текот на процесот, сме горди дека пруживме максимална услуга и грижа за пациентите и дека истото ќе продолжиме да го правиме и понатаму“.
  • “За време на пандемијата никој не се запраша дали ние аптекарите имаме од каде да набавиме заштитна опрема, дезинфициенси а бевме први на удар додека матичните лекари не ги примаа пациентите ние моравме сите да ги услужиме и со температура и со кашлица“.
  • “Информацијата за работа во услови на вонредна состојба и светска пандемија ги барав сама и од како најдов информации од страна на FIP ги препратив до Здружението, а препораки од страна на Комората добивме после 20 март“.
  • “Како здравствени работници вработени во аптека, од почетокот на прогласување на пандемија па се до 10.04.2020 бевме изложени на голем стрес и замор, давајќи се од себе да ги извршиме нашите професионални обврски (издавање на лекови, отц производи, средства за дезинфекција, ракавици, маски, набавка на истите, советување, смирување на паника, информации за симптоми за ковид 19, достапни на телефон за консултации, препораки и совети за домашно лекување (со оглед на тоа што беше ограничена можноста за посета на матичен доктор). Во однос на мерките за заштита (наша, на пациентите и добавувачите), ги спроведовме истите веднаш по прогласување на пандемијата, меѓутоа во ниеден момент не бевме консултирани од ниедна надлежна институција“.
  • “Ниедна институција, не најде за сходно поенергично да објасни дека ,,најистурениот,, здравствен работник беше аптекарот . Неговата улога беше, пациентот да го заштити , едуцира , охрабри , снабди со лекови и отс, заштитни средства и дезинфициенси, истовремено да се заштити себе и своето семејство, да се распредели во екипи без взаемен контакт, аптеката да ја снабди, нареди издаде…………………. дезинфикува ……………Благодарност кон пациентите кои искажаа почит кон нашите заложби“ .
  • “Поставени се прашања во однос на промет,фискални сметки итн. Зошто нема прашање на колкав трошок е изложена аптеката во потрошувачката на заштитна опрема за персоналот во аптеката (секој ден маска, ракавици, заштитен мантил, капа, средства за дезинфекција) како и трошок за очила или визири. Сиот тој трошок да се заштитат фармацевтите од COVID-19, е нивни трошок, односно на аптеката“.
  • “Се поретко ние, фармацевтите се чуствуваме како дел од здравствениот систем. И покрај тоа што напорно и посветено секојдневно сме најдостапни за пациентите, воопшто не го добиваме заслуженото место и почит како од пациентите, така и од голем број на лекари. Воопшто не почуствувавме дека фармацевтската комора (чии членови сме и треба да ги застапува и да се бори за нашите интереси) го крена гласот и се потруди барем во оваа ситуација кога бевме изложени на најголем ризик да го потенцира нашиот придонес во грижата за здравјето на пациентите“.

 

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

Заборавено корисничко име или лозинка
Ве молиме внесете ја вашата email адреса. Корисничкото име и новата лозинка ќе ви бидат пратени по email.