Single Pill Combination Hypertension

Оптимална контрола на хипертензија со примена на фиксна тројна комбинација на ниски дози на антихипертензивни лекови

Оптимална контрола на хипертензија со примена на фиксна тројна комбинација на ниски дози на антихипертензивни лекови

Хипертензијата се дефинира како перзистентно покачување на артерискиот крвен притисок и претставува значаен ризик фактор за развој на кардиоваскуларни заболувања. Според Светската здравствена организација, еден билион луѓе во светот се дијагностицирани со хипертензија.

Хипертензијата е хетерогена медицинска состојба и според основната причина за развој може да се класифицира како примарна (есенцијална) и секундарна хипертензија. Примарната хипертензија се јавува со поголема честота, односно кај 90% од луѓето со дијагностицирана хипертензија. Основната патофизиологија на оваа форма обединува повеќе механизми, но најзначаен е генетскиот фаткор и фамилијарната историја на болеста. Менаџментот на примарната хипертензија е во насока на обезбедување на контрола на крвниот притисок. Секундарната хипертензија е резултат на заболување, најчесто бубрежно или ендокрино заболување или примена на лекови, како на пример: кортикостероиди, естрогени, нестероидни антиинфламаторни лекови и сл. Според тоа, прв чекор во менаџментот на оваа форма на хипертензија е идентификација и решавање на причината за последичното покачување на крвниот притисок.

Според Joint National Committee on the Detection, Evaluation and Treatment of High Blood Pressure крвниот притисок кај возрасни луѓе се класифицира:

  1. Нормален: систолен крвен притисок (СКП)≤120mmHg и дијастолен крвен притисок (ДКП)≤80mmHg
  2. Прехипертензија: СКП 120-139mmHg и ДКП 80-89mmHg
  3. Прва фаза на хипертензија: СКП 140-159mmHg и ДКП 90-99mmHg
  4. Втора фаза на хипертензија: СКП>160mmHg и ДКП≥100mmHg

Основна цел на третманот на хипертензија е обезбедување на оптимална вредност на крвниот притисок, односно крвен притисок помал од 140/90mmHg или 130/80mmHg кај пациенти со дијабетес мелитус или хронична бубрежна болест. Со контрола на крвниот притисок се постигнува и редукција на морбидитетот и морталитетот поврзани со оваа здравствена состојба. А, последиците на неконтролирана, перзистентната хипертензија вклучуваат оштетување на целните органи, како на пример: кардиоваскуларни и цереброваскуларни настани, срцева слабост и бубрежна болест.

Менаџментот на хипертензија се состои од фармаколошка терапија и нефармаколошки третман. Фармаколошката терапија вклучува употреба на антихипертензивни лекови како што се: диуретици, АСЕ инхибитори, блокатори на агиотензин рецептор, β- блокатори и блокатори на калциумови канали. Неоптимално контролирана хипертензија е глобален здравствен проблем што бележи растечки тренд и наметнува потреба од нови стратегии за обезбедување на целната вредност на крвниот притисок и редукција на последичниот морбидитет и морталитет. Во таа насока, неодамна е публикувана рандомизирана клиничка студија за одредување на придобивките од употреба на фиксна тројна комбинација на ниски дози на антихипертензивни лекови наспроти стандарднот пристап во обезбедување на оптимална контрола на хипертензија. Студијата вклучува 700 пациенти со дијагностицирана хипертензија што претходно примале монотерапија и пациенти кај коишто имало потреба од иницирање на фармаколошка терапија (просечна возраст 56 год., 58% жени, 29% со дијагностициран дијабетес мелитус, просечен СКП/ДКП 154/90mmHg). За целите на студијата, иницирана е фиксна тројна комбинација на ниски дози на антихипертензиви кај 349 пациенти (20mg телмисартан, 2.5mg амлодипин и 12.5mg хлорталидон) во временска рамка од февруари 2016 година до мај 2017 година. Контролната група (сочинета од 351 пациент) се пациенти кај коишто се применува стандарден пристап во третманот на хипертензија. Во периодот на следење се мери примарниот и секундарниот исход: примарен исход на студијата е пропорција на пациенти кај коишто е постигната целна вредност на крвен притисок во период од 6 месеци; секундарен исход е просечна разлика на СКП/ДКП во текот на периодот на следење и исклучување на лековите поради појава на несакани настани. Резултатите посочуваат на зголемена пропорција на пациенти коишто постигнале целна вредност на крвниот притисок во период од 6 месеци, 70% од пациентите коишто примале фиксна тројна комбинација на ниски дози на антихипертензивни лекови (СКП/ДКП 125/76mmHg), наспроти 55% од контролната група на пациенти (СКП/ДКП 134/81mmHg). Пријавени се вкупно 419 несакани настани кај 255 пациенти (38.1% кај пациентите што се лекувани со фиксна тројна комбинација на антихипертензивни лекови и 34.8% кај пациентите што се лекувани со стандарден третман) најчесто мускулоскелетна болка (6.0% и 8.0% соодветно), замор, пресинкопа или синкопа (5.2% и 2.8% соодветно). Нема значајна разлика во пропорцијата на пациенти кај коишто е исклучена антихипертензивната терапија како резултат на несакани настани (6.6% и 6.8% соодветно).

Спроведената клиничка студија посочува на заклучокот дека примена на фиксна тројна комбинација на ниски дози на антихипертензивни лекови за иницирање или прилагодување на третман на хипертензија придонесува за подобра контрола на крвниот притисок наспроти стандарниот пристап во третманот. Покрај придобивките во однос на постигнување на целните вредности на крвен притисок, во студијата се истакнува и дека овој пристап во третманот на хипертензија не е поврзан со зголемен ризик од несакани настани.

Референца:

  1. Webster et al., Fixed Low-Dose Triple Combination Antihypertensive Medication vs Usual Care for Blood Pressure Control in Patients With Mild to Moderate Hypertension in Sri Lanka: A Randomized Clinical Trial. Jama 320(6):566-579;2018

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

Заборавено корисничко име или лозинка
Ве молиме внесете ја вашата email адреса. Корисничкото име и новата лозинка ќе ви бидат пратени по email.