Antibiotics

Несоодветна употреба на антибиотици при инфекции на горните респираторни патишта

Несоодветна употреба на антибиотици при инфекции на горните респираторни патишта

Најчеста индикација поради која пациентите бараат медицинска помош во примарните здравствени центри се инфекциите на горниот респираторен тракт. Се проценува дека кај деца на возраст до 4 годишна возраст се дијагностицираат околу 5 инфекции на горните респираторни патишта, додека кај деца на возраст од 5-19 години, бројката изнесува околу 3 инфекции на годишно ниво. Во просек, кај популацијата од 19-39 години, и пациенти постари од 40 години, стапката на настанати инфекции на горниот респираторен тракт е помала, односно околу две инфекции на годишно ниво. Годишните медицински трошоци поврзани со несоодветна употреба на антибиотици за третман на акутни инфекции на горниот респираторен тракт, и кај деца и возрасни пациенти, се многу високи, при што овој тип на инфекции се сметаат за најчесто третирани како акутен проблем во здравствените центри.

Несоодветно пропишување на антибиотицисе јавува кај 40-50% од вирусните респираторни инфекции. Па така, главен фактор кој придонесува кон развој на антимикробна резистенција е злоупотребата на антибиотици за време на овој тип на инфекции.

Потекло на инфекциите на горниот респираторен тракт

Инфекциите на горниот респираторен тракт може да се опишат како вирусни или бактериски инфекции кои ги зафаќаат носната празнина, параназалните синуси, фаринксот, ларинксот, трахеата и бронхиите. Околу 90-98% од инфекциите имаат вирусно потекло, при што третманот со антибиотик нема да биде ефикасен за ублажување на симптомите. Постои можност да се развијат секундарни инфекции од бактериско потекло  кои сочинуваат околу 2-10% од инфекциите на горниот респираторен тракт. Вирусот или бактеријата може да навлезат во телото директно или индиректно преку честички во форма на аеросол преку мукозните мембрани во носната празнина, устата или очите.

Повеќето вирусни инфекции на горниот респираторен тракт се поврзуваат со риновируси кои ретко може да предизвикаат сериозни компликации. Помалку чести вирални патогени за кои е познато дека може да предизвикаат инфекција се аденовирус, коронавирус, инфлуенца, параинфлуенца и метапнеумовирус. Бактериските инфекции имаат познати етиолошки агенси и тука спаѓаат: S.pneumoniae, Haemophilus influenza, Moraxella catarrhalis и Bordetella pertussis. Инфекциите на горниот респираторен тракт можат понатаму да бидат класифицирани во неколку типови на инфекции кои вклучуваат: честа настинка, риносинузитис, фарингитис, бронхитис, отитис медиа, инфлуенца и пневмонија.

Вирусните симптоми започнуваат 2-3 дена после инокулција и генерално траат 6-9 дена кај деца и 3-14 дена кај возрасни. Најчести симптоми на вирусни инфекции се: присуство на кашлица, гребење во грлото и назални симптоми како конгестија и течење на секрет од нос. Други симптоми кои може да настанат се: треска, замор и главоболка, но овие симптоми во најголем дел исчезнуваат после 24-48 часа. Вирусните симптоми имаат тенденција да се повлечат во текот на 5-6 дена после иницијалното манифестирање. Бактериските инфекции се слични со вирусните инфекции, но симптомите траат од 7-10 дена и по природа се поинтензивни.

Очекувања на пациентите

Истражувањата покажуваат дека голем дел од лекарите пропишуваат антибиотици за третман на вирусни инфекции единствено поради очекувањата на пациентите, бидејќи во најголем дел од случаите се под притисок поради претходни искуства со пациенти или неодредена дијагноза. Покрај конвенционалните методи за обезбедување на едукација за време на посетата на лекар во однос на употребата на антибиотици при инфекции на горен респираторен тракт, пациентите и понатаму, веднаш после иницијални симптоми на инфекција, се јавуваат кај нивните матични лекари. Кај голем дел од нив се пропишува антибиотик, затоа што пациентот е убеден дека тоа ќе предизвика ублажување на симптомите и подобрување на состојбата. Вирусните инфекции може да бидат симптоматски третирани со ОТЦ производи и притоа не се јавува потреба од посета на лекар. Она што е најважно е диференцирање меѓу вирусна и бактериска инфекција со цел соодветно пропишување на антибиотици.

Водичите во однос на пропишувањето на антибиотици се строго насочени кон нивно пропишување само за бактериски инфекции. Медицинската историја и физичкиот преглед имаат за цел да ги идентификуваат постоечките знаци и симптоми кои траат подолго од 10 дена без евентуално подобрувње. Сериозните симптоми вклучуваат треска и телесна температура повисока од 39 степени, гноен секрет од носот кој трае најмалку 3-4 последователни денови или влошување на симптомите со повторна појава на треска, главоболка или зголемен назален секрет проследен со вирусна инфекција која трае 5-6 дена. Водичите препорачуваат дека клиничка презентација на три од претходно наведените симптоми може да се поврзе со бактериска инфекција. Пациентите без коморбидитети и оние кои не се имунокомпромитирани со присутни благи симптоми на бактериска инфекција може да се набљудуваат во тек на три дена без иницирање на антибиотска терапија. Доколку симптомите се сеуште присутни, потребно е иницирање на антибиотиски третман со цел да се превенираат дополнителни компликации како инфекции на долен респираторен тракт или нарушување на функцијата на белите дробови.

Соодветен третман

Третманот на вирусните и бактериските инфекции на респираторниот тракт треба да вклучи превентивни мерки. Добрата хигиена може да помогне да се намали бројот на агенси кои се поврзуваат со инфекциите. Третирањето на вирусните инфекции може да вклучи одмор, внес на течности и ублажување на симптомите преку употреба на конгестиви, капки за нос и аналгетици или НСАИЛ како ацетаминофен или ибупрофен.

Нессодветна дијагноза или пропишувње на антибиотици за инфекции на горен респираторен тракт може да доведе до зголемување на антимикробната резистенција кај патогените како S.pneumoniae. Прекумерната употреба на антибиотици доведува до антимикробна резистенција која резултира со сериозно загрозување на јавното здравје.

Референци:

  1. Hart AM, Patti A, Noggle B, et al. Acute respiratory infections and antimicrobial resistance. American Journal of Nursing. 2008;108(6):56-65.
  2. Larson E, Ferng Y, Wong, J, et al. Knowledge and misconceptions regarding upper respiratory infections and influenza among urban Hispanic households:need for targeted messaging. 2009;11: 71-82. doi:10.1007/s10903-008-9154-2
  3. Harris AM, Hicks LA, Qaseem A, et al. Appropriate antibiotic use for acute respiratory tract infections in adults: advice for high-value care from the American college of physicians and the Centers for Disease Control and Prevention. Annals of Internal Medicine.2016;164(6):425-434. doi:10.7326/M15-1840
  4. Kotwani A, Holloway K. Antibiotics prescribing practice for acute, uncomplicated respiratory tract infections in primary care settings in New Delhi, India. Tropical Medicine and International Health. 2014;19(2):761-768. doi:10.1111/tmi.12327
  5. Chow AW, Benninger MS, Brook I, et al. IDSA clinical practice guidelines for acute bacterial rhinosinusitis in children and adults. Clinical Infectious Diseases Society of America. 2012:1-41. doi:10.1093/cid/cir1043.
  6. Meneghetti A, Mosenifar Z. Upper respiratory tract infection clinical presentation. 2015. http://emedicine.medscape.com/article/302460-clinical Accessed February 5, 2016.
  7. Soltwisch M, Beckham N. Reducing the inappropriate prescribing of antibiotics for rhinosinusitis. Consultant.2016:127-132.
  8. Biscaldi L. CDC, ACP issue guidelines for antibiotic use for acute respiratory tract infections, The Clinical Advisor, Newsline. 2016:14.
  9. Holmes S, Scullion J. Prescribing for upper respiratory tract infection. Practice Nursing. 2014;25(1):18-22.
  10. United Solutions. TARGET antibiotic toolkit. Royal College of General Practitioners. http://www.rcgp.org.uk/clinical-and-research/toolkits/target-antibiotics-toolkit.aspx Accessed March 30, 2016.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

Заборавено корисничко име или лозинка
Ве молиме внесете ја вашата email адреса. Корисничкото име и новата лозинка ќе ви бидат пратени по email.