NSAIDs

Нерационална употреба на НСАИЛ над препорачаната дневна доза

Нерационална употреба на НСАИЛ над препорачаната дневна доза

Нестероидните антиинфламаторни лекови (НСАИЛ) имаат широка употреба во светот во третман на болка и воспаление. Дел од нив се достапни и како ОТЦ лекови и како лекови кои се издаваат на рецепт, а друг дел се издаваат само на рецепт (индикација за пропишување во овој случај е воспаление).  Ибупрофен, кој е достапен и како ОТЦ и како лек кој се издава на рецепт, и е втор или трет најчест лек кој се користи после парацетамол и аспирин. И покрај тоа што овој тип на лекови имаат голема ефикасност во однос на нивните индикации, имаат и значителен ризик од несакани реакции кои обично се дозно-поврзани и можат да бидат фатални, вклучувајќи крварење во горниот дел од гастроинтестиналниот систем, акутна бубрежна повреда и кардиоваскуларни исходи како миокардијален инфаркт и мозочен удар. Понекогаш еден или повеќе од овие несакани ефекти се јавуваат и при терапевтски дози, но ризикот за појава на несакан ефект варира меѓу различните НСАИЛ и поради тоа од многу голема важност е избегнување на нивната прекумерна, нерационална употреба. Со оглед на тоа дека најголем дел од НСАИЛ се ОТЦ лекови, одлуката кој НСАИЛ и колку често да се употребува ја носи пациентот без консултација со здравствен работник. Покрај тоа, постои можност пациентите да употребуваат повеќе НСАИЛ истовремено, што може да придонесе до кумулативен ризик. Како и кај сите други лекови кои се издаваат без рецепт, така и НСАИЛ се означени со начин на употреба и дозирање специфично за лекот, со цел минимизирање на ризиците, вклучително и максимална препорачана дневна доза. Притоа во пракса се покажува дека употребата на ОТЦ лекови над оваа доза се поврзува со зголемен ризик од гастроинтестинална токсичност.

Во списанието Pharmacoepidemiology & Drug Safety објавен е труд во кој што се дадени податоци од спроведена анкета на веб страна во однос на употреба на НСАИЛ. Истражувачите анкетирале 1326 возрасни пациенти, при што собирањето на податоци било составено од 3 делови: иницијален прашалник кој врши квалификација на учесниците и изработува листа на НСАИЛ кои испитаниците ги имаат и постои можност да ги употребат во претстојната недела, седумдневен проспективен дневник за употреба на НСАИЛ во форма на ОТЦ или лек на рецепт и придружни симптоми и прашалник поврзан со означувањето на лековите, демографси карактеристики, медицинска историја и др.

Сите учесници употребувале ибупрофен за време од 7 дена, а 87% од нив го употребувале како ОТЦ препарат. Вкупно, 55% од нив употребувале ибупрофен во последните три дена од неделата  и 16% се поврзуваат со негова секојдневна употреба. Покрај ибупрофенот, 37% пријавиле употреба и на најмалку уште еден друг НСАИЛ во текот на неделата, најчесто аспирин или напроксен. Помалку од половина од нив знаеле дека сите лекови кои ги употребуваат се всушност НСАИЛ.

Според податоците, доколку препорачаната доза не даде задоволително намалување на болката, за пациентот субјективно е поедноставно, на своја рака да ја зголеми дозата отколку да побара професионален совет од лекар или фармацевт. Иако лекарите сеуште пропишуваат НСАИЛ за некои нарушувања во мускулите и зглобовите и други здравствени проблеми, овие лекови не се соодветни за голем дел од индикациите за кои се пропишувани од страна на лекарите или се подигнувани од пациентите во аптеките како ОТЦ препарати. Пред сѐпоради нивните штетни ефекти, потребна е поголема внимателност при нивната употреба, особено кога станува збор за НСАИЛ како ОТЦ препарат.

За повремена употреба, парацетамол во соодветна доза е многу побезбедна опција и многу ефикасен како аналгетик при лесни и умерени болки.

Кај лицата кои при употребата на НСАИЛ ја надминуваат препорачаната дневна доза има тенденција за комбинација на медицински фактори како што се хронична болка и лоша физичка состојба, ставови кои придонесуваат за игнорирање на препораките на означувањето на лекот или слабо познавање на тие препораки. Сепак, ставовите и знаењето, заедно со специфичното дозирање и усогласеноста со  упатството, потенцијално, може да бидат променети, што би довело до побезбедно користење на НСАИЛ.

Референца:

  1. Kaufman, D. W., Kelly, J. P., Battista, D. R., Malone, M. K., Weinstein, R. B., Shiffman, S. (2018). Exceeding the daily dosing limit of nonsteroidal anti-inflammatory drugs among ibuprofen users. Pharmacoepidemiol Drug Saf,27(3):322-331. DOI: 10.1002/pds.4391.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

Заборавено корисничко име или лозинка
Ве молиме внесете ја вашата email адреса. Корисничкото име и новата лозинка ќе ви бидат пратени по email.