Pregnancy Diabetes

Мултидисциплинарен пристап во менаџмент на прегестациски дијабетес во бременост

Мултидисциплинарен пристап во менаџмент на прегестациски дијабетес во бременост

Неколтролиранa хипергликемија во бременоста го зголемува ризикот од несакани исходи за мајката и новороденчето (прееклампсија, породување со хируршки зафат, предвремено породување, фетална макрозомија и конгенитални малформации) со преваленца од 0,9% во 2016 година во САД. Менаџментот на прегестациски дијабетес е комплексен и се разликува во зависност од преконцепцијата, бременоста и постпарталниот период. Во таа насока, клиничкиот ревијален труд публикуван во списанието The Journal of the American Medical Association  ги обработува тековните препораки за менаџментот на прегестациски дијабетес и посочува на значајноста на мултидисциплинарен пристап кон грижата за пациентките.

Спроед препораките на The American Diabetes Association (ADA) жените кои планираат бременост треба да имаат нивоа на гликолизиран хемоглобин (HbA1c) пониски од 6,5% при концепција и целно ниво на  HbA1c од 6% што треба да се одржува во текот на бременоста. Во текот на бременоста, целните нивоа на: глукоза на гладно треба да бидат пониски од 95mg/dL, постпрандијална гликамија пониска од 140mg/dL (1 час по оброк) и постпрандијална гликемија пониска од 120mg/dL (2 часа по оброк). Кај бремените жени со хронична хипертензија и дијабетес, ADA препорачува постигнување на целни нивоа на крвен притисок 120/80-105 mm Hg со цел да се избегнат нарушување на развојот и растот на фетусот. Исто така, во периодот пред зачнување, треба да се спроведе скрининг во однос на коморбидите (ретинопатија, неуропатија и опструктина спиечка апнеа).

Прволиниска терапија за одржување на нормогликемија при прегестациски дијабетес е инсулин. Администрацијата на глукагон во бременоста е безбедна и е наменета во третман на хипогликемија. Употребата на инхибитори на ангиотензин – конвертирачкиот ензим (АКЕ инхибитори), статини, деривати на сулфонилуреа е контраиндицирана при бременост за што постојат и цврсти медицински докази. Истото се однесува и на безбедноста на инхибиторите на дипептидил пептидаза – 4 (DPP4), агонистите на рецепторот за глукагон – сличен пептид 1  (GLP-1) и инхибиторите на натриум/глукоза котранспортер 2 (SGLT), како понови агенси, иако овие безбедносни податоци може да се променат во иднина. Сепак, важно е да се напомене дека употребата на овие класи на лекови треба да биде прекината 3 месеци пред зачнување. Дополнително, за превенција на прееклампсија, се препорачува примена на ниски дози на аспирин (81 – 100 mg дневно) во периодот од 12 – 16 гестациска недела.

Во постпарталниот период, периферната сензитивност кон инсулин се зголемува и како резултат на тоа, потребно е да се намали дозата на инсулин. Кај пациентките со дијабетес тип 1 дозата на инсулин може да се намали за 50%, а кај пациентките со дијабетес тип 2 употребата на инсулин може да се прекине. Жентие кои имаат нормален индекс на телесна маса, кои дојат, имаат потреба од поголем внес на енергија преку храната за приближно 500 kcal/дневно. Доколку постои индикација за употреба на метформин, значајно е да се нагласи дека неговата употреба  при лактација е безбедна. Употребата на на долгоделувачки контрацептиви (импланти на прогестин или интраутерини импланти) е безбедна при лактација и нема влијание врз контролата на гликемија.

Севкупно, во обезбедување на квалитетна здравствена грижа за бремени жени со прегестациски дијабетес неопходен е мултидисциплинарен пристап, што вклучува клиничка евалуација на здравствената состојба на пациентката, идентификација и менаџмент на присутните коморбидитети, но и е целосен преглед на пропишаната фармакотерапија од страна на фармацевт со цел постигнување на оптимална контрола на гликемија и превенција на сериозни компликации во текот и после бременоста.

Референца:
1. Alexopoulos A-S, Blair R, Peters AL. (2019). Management of Preexisting Diabetes in Pregnancy: A Review. JAMA, 321(18):1811-1819. DOI:10.1001/jama.2019.4981

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

Заборавено корисничко име или лозинка
Ве молиме внесете ја вашата email адреса. Корисничкото име и новата лозинка ќе ви бидат пратени по email.