Myophaty

Метформин и неговиот ефект врз миопатии предизвикани од терапија со статини

Метформин и неговиот ефект врз миопатии предизвикани од терапија со статини

Статините претставуваат класа на лекови кои се одликуваат со најголема ефикасност во намалувањето на ризикот од кардиоваскуларни заболувања. Терапијата со статини се применува кај многу голем број на пациенти ширум светот, но сепак, болката во мускулите која се јавува со текот на нивната примена ги принудува пациентите да ја прекинат терапијата. Овој прекин на терапија со статини доведува до зголемен кардиоваскуларен ризик. Сериозноста на статин- индуцираната мускулна болка варира од минорни грчеви до живото-загрозувачка рабдомиолиза и според некои истражувања, кај 25% од пациентите кои се на терапија со статини се јавуваат мускулни симптоми со слаб до умерен интензитет. Единствениот пристап за третирање на ваквите симптоми претставува избор на неколку статини се додека еден од нив не покаже терапевтски одговор или во краен случај терапијата со статини се прекинува.

Со цел превенција на појавата на статин- индуцираната мускулна болка, се проучуваат неколку агенси, од кои метформинот зазема целно место поради претпоставка дека во превенцијата е вклучен ефектот на метформинот врз оксидативниот стрес на митохондриите и неговиот ефект врз AMP- активираната протеин киназа (АМПК). Од тој аспект, метформинот и неговиот ефект во превенција од статин- индуцирана мускулна болка била проучувана од тим на научници од University of South Florida во Тампа. Студијата е објавена во списанието Diabetes, Obesity and Metabolism.

Била извршена и реанализа на податоците од ACCORD (Action to Control Cardiovascular Risk in Diabetes) студијата, во која биле вклучени пациенти со дијабетес со цел проценка на ефектот на интензивно намалување на нивото на глукоза, контрола на крвниот притисок и терапија со фибрати. Пациентите биле поделени во две групи: во првата група биле вклучени пациенти кои примаат статини (и други лекови) без метформин и втора група на пациенти со статини  (и други лекови) и метформин. После почетната анализа, проценка на мускулните симптоми кај пациентите била направена на 12, 36 и 48 месеци.
Вкупниот број на пациенти вклучени во студијата бил 1314. Резултатите покажуваат дека кај првата група на пациенти која применувала само статини се манифестирале поголем број на мускулни грчеви (42%) во споредба со втората група на пациенти со статин и метформин (35%). Кај 47% од пациентите на терапија само со статин се јавила болка во нозете и стапалата при движење, додека 40% од пациентите со метформин и статин пријавиле вакви ефекти. Трендот на намалување на симптомите на мускулна болка кај групата со статини и метформин наспрема групата само со статин е следен на трите временски точки: (на 12 месеци: 40% vs 35%; на 36 месеци: 37% vs 37%; на 48 месеци: 28% vs 37%, соодветно) и болка во нозете и стапалата при движење (на 12 месеци: 46% vs 35%; на 36 месеци: 40% vs 35%; на 48 месеци: 28% vs 35%, соодветно).

Согласно резултатите, употребата на метформин се поврзува со 22% намалување на мускулните грчеви и 29% намалување на болката во нозете и стапалата при движење.
Ова претставува првото истражување кое ја поврзува употребата на метформин со намалена инциденца за мускулна болка кај пациентите кои се на терапија со статини. Според тоа, метформинот може да поседува потенцијал да го подобри придржувањето  кон терапијата со статини, бидејќи мускулната болка со благ до среден интензитет е примарниот негативен ефект од употребата на статини кој најчесто резултира со прекин на терапијата од страна на пациентот.

Студија спроведена претходно во која биле следени пациенти во однос на употреба на статини во терапија, покажува дека кај 60% од нив се појавиле несакани ефекти врз мускулите, од типот на мускулна болка и грчеви, додека кај 62% од нив поради овие несакани ефекти била прекината терапијата. Според тоа, метформинот поседува потенцијал да влијае врз грижата за голем број на пациенти, особено кај оние кај кои терапијата со метформин веќе е индицирана, но метформинот недоволно се употребува.
Кај овие пациенти, дополнителната придобивка од намалена мускулна болка индуцирна од терапија со статини може да ја интензивира употребата на метформин. Слично, употребата на метформинот покажува придобивка и се препорачува за превенција од дијабетес, но сепак ретко се употребува за оваа индикација. Во ACCORD студијата не се вклучени пациенти со предијабетес, но се очекува метформинот да има сличен ефект врз овој тип на мускулна болка и кај овие пациенти.

Метформинот има предност како широка ко- индикација над двете најчесто испитувани терапии за статин- индуцирана мускулна болка, витамин Д и коензим Q10, за кои најчесто има неконзистентни резултати. Познато е дека многу ниски серумски нивоа на витамин Д се показател за статин-индуцирана болка и доколку се идентификува неизвесна е употребата на суплементи на витамин Д. Суплементите на коензим Q10 се смета дека целно делуваат врз механизмите на настанување на статин- индуцираните мускулни симптоми, иако потребни се и понатамошни истражувања. Ова претставува прва студија која идентификува лек како потенцијален третман за статин- индуцирана мускулна болка и претставува појдовна точка во однос на претпоставката за механизмот на метформин во превенција на овој тип на болка. Поради коиндикациите на метформин, овие резултати имаат потенцијал за нивна примена во клиничка пракса кај случаи на умерена мускулна болка индуцирана од употреба на статини за која што не е потребен прекин или промена на терапијата со статини. Дополнителни истражувања се потребни и за проценка на тоа како влијанието на метформин врз статин-индуцираната мускулна болка може да има влијание врз придржување кон терапија со статини и последователни исходи како миокардијален инфаркт, мозочен удар и кардиоваскуларна смрт.

Референца:

Nicholas W. Carris et al., Metformin’s impact on statin-associated muscle symptoms: An analysis of ACCORD study data and research materials from the NHLBI Biologic Specimen and Data Repository Information Coordinating Center. Diabetes ObesMetab. 2018 Mar 25. doi: 10.1111/dom.13302

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

Заборавено корисничко име или лозинка
Ве молиме внесете ја вашата email адреса. Корисничкото име и новата лозинка ќе ви бидат пратени по email.