Gut Microbiota

Лекови кои може да ја променат интестиналната микрофлора

Лекови кои може да ја променат интестиналната микрофлора

Одредени широко употребувани лекови може да ја променат нормалната микрофлора во цревата, а голем број од нив може да го зголемат ризикот за антимикробна резистентност.

ГИТ микробиомот вклучува најмалку 1000 видови на бактерии и е под влијание од голем број на различни фактори, вклучително и употребата на лекови. Истражувањата сугерираат дека промените на микробиомот се асоцирани со обезност, диабетес, хепатални, малигни и невродегенеративни заболувања.

Ефикасноста и токсичноста на одредени лекови е под влијание од составот на микрофлората во гастроинтестиналниот тракт, а исто така нормалната микрофлора е поврзана со различни здравствени состојби. Оттука, од суштинско значење е разбирањето на употребата лекови и нејзините последици врз микробиомот.

За таа цел, спроведена е студија во која била евалуирана 41 класа на лекови и биле испитани 1883 примероци на фецес од луѓе што употребувале или не употребувале лекови. Некои од испитаниците биле дијагностицирани со синдром на иритабилно црево и инфламаторна цревна болест.

Утврдено е дека 18 класи на лекови имаат големи ефекти врз ГИТ микробиомот, а 8 класи на лекови го зголемуваат ризикот за развој на антимикробна резистентност.

Следните класи на лекови имаат најголемо влијание врз микробиомот:

  • Инхибитори на протонска пумта, што се употребуваат во третман на диспепсија, пептичен улцер, ерадикација на H. pylori, гастроезофагијален рефлукс и Barrett-ов езофагус;
  • Метформин што се употребува во третман на диабетес тип 2;
  • Антибиотици што се употребуваат за ерадикација на бактериски инфекции;
  • Лаксативи што се употребуваат за третман и превенција на констипација.

Промените на интестиналната микрофлора асоцирани со употребата на инхибитори на протонска пумпа вклучуваат зголеменa колонизација на бактерии карактеристични за горниот интестинум и зголемена продукција на масни киселини. Употребата на метформин е асоцирана со зголемена колонизација на потенцијално патогени бактерии, како на пример  E. coli.

Седум други класи на лекови се асоцирани со значајни промени на бактериската микрофлора во ГИТ. Како на пример, употребата на селективните инхибитори на репреземањето на серотонин (антидепресиви) е асоцирана со зголемена колонизација на потенцијално патогени бактериски видови – Eubacterium ramulus. Оралните стероиди се асоцирани со зголемена колонизација со анаеробни бактерии (што продуцираат метан) и последична обезност и зголемување на индексот на телесна маса.

Оваа студија беше презентирана на дваесет и седмиот годишен состанок на United European Gastroenterology одржан во Барселона. Ова истражување се смета како прелиминарно, меѓутоа ја нагласува значајноста на улогата на нормалната микрофлора при дизајнирање на третман, но и посочува на нови хипотези кои ги објаснуваат несаканите ефекти асоцирани со употребата на лекови.

Референци:

  1. Vich Vila, A. et al., 2019. Impact of 41 commonly used drugs on the composition, metabolic function and resistome of the gut microbiome. Presented at UEG Week Barcelona October XX, 2019.
  2. Cani PD., Human gut microbiome: hopes, threats and promises Gut 2018;67:1716-1725.
  3. World Journal of Gastroenterology. 2006. Epidemiology of functional dyspepsia: A global perspective. [ONLINE] Available at: https://www.ncbi.nlm.nih.gov/pmc/articles/PMC4130971/.
  4. WHO Europe (2019) Diabetes: Data and statistics, Available at: http://www.euro.who.int/en/health-topics/noncommunicable-diseases/diabetes/data-and-statistics European Commission.
  5. Special Eurobarometer 445: Antimicrobial Resistance. European Commission; Brussels, Belgium.
  6. Peppas, George, et al., 2008. “Epidemiology of constipation in Europe and Oceania: a systematic review.” BMC gastroenterology 8.1: 5.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

Заборавено корисничко име или лозинка
Ве молиме внесете ја вашата email адреса. Корисничкото име и новата лозинка ќе ви бидат пратени по email.