2315

Како да се употребуваат лековите кај деца тогаш кога не се достапни формулации соодветни на возраста?

Како да се употребуваат лековите кај деца тогаш кога не се достапни формулации соодветни на возраста?

Педијатриските пациенти треба да имаат пристап до фармацевтски дозирани форми соодветни на нивната возраст што ќе може да се администрираат безбедно и ефикасно. Меѓутоа, достапноста на лиценцирани лекови за деца е ограничена и постои недостиг на формулации на лекови коишто се безбедни и соодветни за оваа популација на пациенти. Токму поради тоа, децата често се третираат со off-label (надвор од индикација за употреба) лекови, практика што се поврзува со ризик од штета по здравјето на децата. Децата не се мали возрасни. Тие припаѓаат на хетерогена популација на пациенти со специфични потреби во однос на фармакотерапијата (способност за администрација, токсичност поврзана со лековите и желби и потреби за вкус). Примената на несоодветни формулации на лекови кај деца потенцијално е придружена со низа проблеми ( пр. потешкотии во голтањето на таблета со конвнционална големина, ограничена безбедност на одредени ексципиенси што се содржат во формулациите на лековите за возрасни пациенти и аверзија кон лекови без добар вкус). За решавање на проблемите со недостапнот на формулации на лекови за детската возраст, често се применуваат алтернативни пристапи, како на пример промена на начинот на администрација (перорална примена на парентерална формулација), манипулација со дозирани форми за возрасни (разредување на течни формулации; кршење на таблети или супозитории; сечење на фластери; диспергирање на отворени капсули или скршени таблети во вода, течност или храна и сл.). Ваквите „алтернативни” начини на администрација на лекови кај децата се поврзани со потешкотии во нивното спроведување, но и небезбедност која е поврзана со влијанието врз стабилноста, биорасположливоста, фармакокинетиката, фармакодинамиката, соодветност на дозата, толерабилноста и репродуцибилноста. Дополнително, манипулацијата со формулации за возрасни е придружена со ризик по околината и индивидуите вклучени во ракувањето со дозираните форми (на пример манипулација со мутагени и цитотоксични агенси).

Здравствените работници треба да ги познаваат и земат предвид сите придобивки, но и ризиците по ефикасноста и безбедноста на терапијата при алтернативните начини на употреба на лекови кај деца. Водичот на Светската здравствена организација и Меѓународната фармацевтска федерација дава преглед на проблемите и ризиците поврзани со алтернативните начини на примена на лекови кај деца во услови кога не се достапни формулации соодветни на возраста и обезбедува препораки  нивно

Ризици поврзани со манипулацијата со дозираните форми за возрасни, како наједноставна и најчесто применувана алтернативна употреба кај деца:

Кршење на таблети

Гастрорезистентните таблети и таблетите со одложено ослободување не смее да се кршат, бидејќи претставуваат дозирани облици на активни супстанции кои се нестабилни во желудочниот сок или пак ја надразнуваат желудочната слузница. Во спротивно, се зголемува ризикот од несакани ефекти на лековите (дразнење на гастричната слузница) или намалување на ефектот на лекот заради промена во профилот на ослободување на лековитата супстанција. Таблетите без разделна линија не смее да се кршат бидејки кршењето нема да биде на еднакви делови со униформна содржина на активната компонента. Кршењето може да придонесе за суб или супрадозирање дозирање и ризик од токсичност, што е особено голем кај лековити супстанции со тесен терапевтски индекс.

Таблетите со разделна линија и униформна содржина на активна компонента може да се скршат на соодветен број делови и да се администрираат перорално кај детето. Доколку детето има потешкотии во голтањето на деловите од таблета, тогаш лекот може да се диспергира или измеша со храна или течност.

Диспергирање на таблети/капсули во храна или течност

Таблетите со брзо ослободување или содржината на тврдите капсули може да се диспергираат со вода или друг пијалок (сок или млеко) на собна температура. Лекот се диспергира во мал волумен на течност и се администрира тогаш кога е формирана суспензија. Притоа треба да се земе предвид лек-храна интеракцијата (при диспрергирање во сокот од грејпфрут). Лекот диспергиран како стабилна суспензија во познат волумент на вода, се администрира веднаш со помош на градуиран шприц за дозирање, а остатокот се отстранува. Униформноста на дозата на подготвената суспензија не може со сигурност да се потврди и во секој случај постои ризик од суб или супдозирање.

Конвенционалните таблети не се раствораат целосно, а некои од нив формираат суспензии за кратко време. Растворливите и дисперзибилните таблети, најпрво се дезинтегрираат, а потоа се раствораат или диспергираат во вода на собна температура.

Кога е неопходно да се даде лек на мало дете што се храни со помош на шише и цуцла, треба да се земат предвид следните параметри: големина на честички, вискозност, волумен на течност и компатибилност на оралната формулација со материјалот на шишето и цуцлата. Формираниот дисперзен систем не треба да е вискозен или да содржи големи честички за да може да тече низ цуцлата и детето да го проголта. Дополнително, инкомпатибилиност на лекот со материјалот од шишето или атсорпција на лековитата супстанција на шишето ќе резултира со супдозирање на лекот. Најдобар пример за тоа се липофилните и нискодозните потентни лековити супстанции.

Ситнење на таблети или отворање на капсули и последователно мешање на прашокот со засладена храна или пијалок

Иако, овој алтернативен пристап често се применува, сепак постојат мал број на докази што ја поткрепуваат ефикасноста и безбедност при употреба. Мешањето на формулацијата што содржи хидросолубилни активни супстанции во храна или пијалок, може дополнително да ја намали стабилноста на лекот бидејки растворливоста на лековитата супстанција во голема мера зависи од рН на средината, а храната или пијалоците не секогаш имаат иста рН вредност. Меките капсули со течна содржина не смее да се отвораат, бидејќи практично е невозможно да се искористи и измери целата содржина.

Овој пристап на дозирање на лек кај деца е единствено прифатлив тогаш кога е познато дека храната или пијалокот не влијаат на биорасположливоста на лекот. Притоа формираната смеша што го содржи лекот треба да се администрира веднаш.

Перорална администрација на парентерални формулации

При примена на овој пристап мора да се земат во предвид следните фактори: ефект на прв преод, орална биорасположливост, влијание на желудочната рН врз стабилноста и растворливоста на лековитата супстанција, вкусот и сл. Ниската рН на желудолниот сок дестабилизира одредени лековити супстанции или пак доаѓа до таложење на растворливи соли на слаби киселини. Овој пристап може да се се примени само во случај кога  парентералната и оралната формулација содржат ист облик на лековитата супстанција (пример ондасетрон хидрохлорид), што отвора можност да се предвиди апсорпцијата на лекот од парентерална формулација. Меѓутоа, значајно е да се нагласи дека пероралната администрација на парентерален раствор е проследена со брза апсорпција, бидејќи лековитата супстанција е веќе растворена во соодветен медиум.

Инјекциите може да содржат ексципиенси што имаат непосакувани ефекти, како на пример етанол и пропилен гликол. Иако, пропилен гликолот генерално се смета за безбеден и често се употребува како растворувач во фармацевтските дозирани форми, пролонгирана употреба или употреба на високи дози може да резултира со токсичност кај децата, а особено новороденчињата. Инјекционите раствори што имаат висока или ниска рН не смее да се даваат поради ризик од иритации на гастроинтестинален тракт или пак треба да се разредат пред аминистрација. Вкусот на инјекциите, често претставува проблем за децата.

Кршење на супозитории

Овој пристап ретко се применува, бидејќи постои недостиг на податоци за поткрепа на соодветноста во дозирањето. Сепак, доколку се практикува, тогаш супозиториите треба да се кршат лонгитудинално (по целата должина) за да се запази рамномерната содржина на лековитата супстанција. Изборот на овој пристап во голема мера зависи од терапевтскиот индекс на лековитата супстанција и ризикот од суб или супрадозирање.

Генерално, алтернативните начини на администрација на лековите кај деца резултираат со влијание на профилот на фармакокинетика на лекот, голем ризик од грешки во дозирањето и намалување на ефикасноста и безбедноста на лекот. Во случај кога нема достапни формулации што се соодветни на возраста на детето, одлуката за алтернативна начини на администрација треба да се заснова на достапни тековни клинички податоци.

Референца:

FIP–WHO technical guidelines: Points to consider in the provision by health-care professionals of children-specific preparations that are not available as authorized products

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

Заборавено корисничко име или лозинка
Ве молиме внесете ја вашата email адреса. Корисничкото име и новата лозинка ќе ви бидат пратени по email.