Drugs Interactions

Интеракции на лекови со CDK 4/6 инхибитори

Интеракции на лекови со CDK 4/6 инхибитори

Инхибиторите на циклин-зависната киназа 4/6 (CDK 4/6 инхибитори), во кои спаѓаат palbociclib, ribociclib и ademaciclib, се нова класа на агенси индицирани во третман на карцином на дојка позитивен на хормонски рецептори (HR) и рецептори за епидермален фактор на раст (EGFR). Неодамнешен труд објавен во списанието Cancer Tretament Review го евалуира потенцијалот на овие лекови да стапуваат во интеракции со други лекови.

Фармакокинетските лек-лек интеракции се јавуваат при истовремена употреба на CDK 4/6 инхибитори и лекови супстрати на ензимот CYP3A4 или P-гликопротеинот (P-gp), како и BCRP (breast cancer resistance protein). Сите CDK 4/6 инхибитори подлегнуваат на метаболичка биотрансформација од I фаза со посредство на CYP3A4 ензимот, а, дополнително на тоа palbociclib подлегнува на реакција на конјугација (II фаза) со посредство на ензимот SULT2A1 (сулфотрансфераза 2А1). Кога овие лекови се администрираат паралелно со лекови што претставуваат силни индуктори на CYP3A4, постои ризик за зголемување на нивниот клиренс со што не би се постигнале терапевтски плазматски концентрации. Спротивно на тоа, кога овие лекови се даваат истовремено со инхибитори на CYP3A4, се потнцира ризикот за токсичност.

Се препорачуваат да се избегнува употреба на CDK 4/6 инхибиторите со лекови кои покажуваат силна инхибиција на CYP3A4, вклучувајќи clarithromycin, telithromycin, itraconazole, ketoconazole, posaconazole, и ritonavir, како и со лекови за кои се знае дека се силни индуктори на CYP3A4, како што е rifampin. Од макролидите, azithromycin не делува на CYP3A4 и може да се користи како замена за clarithromycin. Употребата на алтернативни антифунгални лекови, како што се ехинокандините треба да се земе во предвид кај пациенти кои што се на терапија со CDK 4/6 инхибитори.

Интеракциите на ниво на P-gp и BCRP може да влијаат на интестиналната апсорпција или дистрибуција на лекот преку крвно-мозочната бариера. CDK 4/6 инхибиторите се супстрати на Р-гликопротеинот, а познато е дека rifampin е силен индуктор на експресијата на P-gp во интестинумот, што потенцијално ја намалува биорасположивоста на овие хемотерапевтски агенси. Како резултат на тоа, треба да се избегнува нивна истовремена употреба со CDK 4/6 инхибиторите. Дополнително, abemaciclib ја инхибира активноста на P-gp и BCRP, а бидејќи азолните антифунгални лекови (isavuconazole, ketoconazole и itraconazole) се силни P-gp инхибитори, значително ја зголемуваат апсорпцијата на CDK 4/6 инхибиторите. Затоа и тие не треба да се користат во комбинација со овие антинеопластични лекови. Азолните антифунгални лекови се компетитивни инхибитори на P-gp на ниво на крвно-мозочната бариера и ја подобруваат пенетрацијата на CDK 4/6 инхибиторите во централниот нервен систем.

Фармакодинамските интеракции се однесуваат на фармаколошкиот одговор и се манифестираат како продолжување на QT сигналот, особено по употребата на ribociclib и други лекови кои го продолжуваат QT, што доведува до појава на torsades de pointes (TdP). Меѓу лековите поврзани со QT пролонгација се и антиканцер лекови (на пример, tamoxifen, 5-fluorouracil, capecitabine, антрациклини), антимеметични лекови (на пример, антагонисти на 5-НТ3 рецептори), аналгетици (пр. propoxyphene, methadone), психијатриски лекови (пример, citalopram, escitalopram) и антимикробни агенси (на пример, макролиди, флурокинолони и fluconazole).

Лекови кои не треба да се користат во комбинација со CDK 4/6 инхибиторите се ondansetron, dolasetron, domperidone, chlorpromazine, metoclopramide, methadone, oxycodone, erythromycin, clarithromycin, ciprofloxacin, levofloxacin, moxifoxacin, fluconazole, propofol, sevoflurane, citalopram, и escitalopram. Генетските и епигенетските фактори, исто така, треба да се евалуираат кога се разгледува ризикот од развој на TdP.

Референца:

  1. Drug Interactions Associated With CDK 4/6 Inhibitor. Available at: https://www.uspharmacist.com/article/drug-interactions-associated-with-cdk-4-6-inhibitors?fbclid=IwAR0F7NpQmqUflFxmx8UX8UF82bbEIJvrEd2-87eIxBmTTXpyrPYjULSW2cQ. Last accessed 06/2019

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

Заборавено корисничко име или лозинка
Ве молиме внесете ја вашата email адреса. Корисничкото име и новата лозинка ќе ви бидат пратени по email.