Mmr Vaccine

Информации за безбедноста на вакцината против морбили, рубеола и паротитис

Информации за безбедноста на вакцината против морбили, рубеола и паротитис

Морбили или мали сипаници се едни од најзаразните вирусни заболувања. Најчести симптоми се: треска, осип, кашлица, течење од носот и црвени, отечени и насолзени очи. Компликациите кои може да настанат од морбили се многу опасни и вклучуваат воспаление на средно уво, дијареа, пневмонија, воспаление на мозокот (како последица, детето може да го загуби слухот или видот, а можни се и трајни интелектуални оштетувања) и смрт.

Најчести симптоми кои може да се јават како резултат на заушки или паротитис се: треска, главоболка, мускулна болка, замор, губење на апетитот и потечени плункови жлезди. Компликациите може да вклучуваат отекување на тестисите или јајниците, глувост, енцефалитис, менингитис и ретко смрт.

Рубеолата се поврзува со појава на треска, воспалено грло, осип, главоболка и црвени очи. Најголем ризик од вирусот е што доколку се зарази бремена жена, може да дојде до појава на спонтан абортус или да предизвика вродени дефекти на фетусот.

Заштита од вакви заболувања може да се обезбеди со безбедна и ефикасна вакцинација.

Вакцината против морбили, рубеола и паротитис (МРП) е многу безбедна и ефикасна во превенција на морбили, паротитис и рубеола. Вакцините, како и секој лек, може да имаат несакани ефекти, но повеќето луѓе кои добиваат МРП вакцини немаат сериозни проблеми по нејзино примање.

Чести несакани ефекти од МРП вакцината

  • Болка на местото на инјектирање
  • Треска
  • Благ осип
  • Повремена болка и вкочанетост во зглобовите, најчесто кај тинејџери или возрасни жени кои што немаат имунитет (од претходна инфекција или вакцина).

Вакцината е поврзана со многу мал ризик од фебрилни напади (напади или грчеви предизвикани од треска). Појавата на фебрилни напади по примањето на вакцината е ретка и не се поврзува со долгорочни ефекти.  Бидејќи ризикот од фебрилни напади се зголемува со текот на возраста, се препорачува новороденчињата да се вакцинираат според календарот за вакцинација.

Кај некои лица може да се појави оток на образите или вратот. МРП вакцината ретко предизвикува привремена тромбоцитопенија, што може да предизвика крварење, кое најчесто не е пропратено со третман и не е живото – загрижувачка состојба.

Исклучително ретко, може да се појави алергиска реакција кон вакцината. Истата не смее да ја прими пациент кој имал живото – загрижувачка алергиска реакција кон антибиотикот неомицин.

Како Центарот за контрола на болестите ја мониторира безбедноста на МРП вакцината?

Центарот за контрола на болести и Американската агенција за храна и лекови континуирано ја следат безбедноста на вакцините по добивање на нивно одобрение. Доколку настане било каков проблем поврзан со вакцината, Центарот и Агенцијата ги информираат здравствените работници, давателите на здравствени услуги и јавноста.

Центарот за контрола на болеста користи три системи за следење на безбедноста на вакцината:

  1. Систем за пријавување на несакани настани од вакцини (The Vaccine Adverse Event Reporting System – VAERS); систем за рано предупредување кој им помага на Центарот и Агенцијата да ги следат евентуалните проблеми по вакцинацијата. На овој систем секој може да пријави можни несакани ефекти од вакцинацијата.
  2. Линк со податоци за безбедност на вакцината (The Vaccine Safety Datalink); соработка меѓу Центарот и девет здравствени организации што овозможува постојано следење и проактивни пребарувања на податоци поврзани со вакцината.
  3. Проект за проценка на безбедноста на клиничката имунизација (The Clinical Immunization Safety Assessment Project); соработка меѓу Центарот и неколку медицински центри кои спроведуваат клинички истражувања за ризиците поврзани со вакцината.

Литературни податоци во однос на безбедноста од вакцината:

 Две неодамнешни студии (Rowhani-Rahbar et al, 2013, Klein et al, 2010) укажуваат на тоа дека од 10 000 деца кои ја примиле својата прва МРП вакцина и вакцината против варичела како одделни вакцини на возраст од 12-23 месеци, кај четири од нив може да се јави фебрилен напад во текот на 7-10 дена по вакцинацијата. Кај децата на иста возраст кои добиваат комбинирана вакцина против морбили, паротитис, рубеола и варичела како нивна прва вакцина против овие заболувања, веројатноста за појава на фебрилен напад во текот на истиот период е двојно поголема.

  • Студиите покажуваат дека за деца помлади од 7 години, постои многу мал зголемен ризик од фебрилен напад околу 6-14 дена по вакцинацијата, што настанува кај околу 1 на 3000-4000 деца.
  • Болка во зглобовите се јавува кај лица кои немааат стекнато имунитет кон рубеола. Болки во зглобовите и привремена состојба на артритис почесто може да настанат кај повозрасни отколку кај деца после примена МРП вакцина. Кај жените, исто така, се јавува почесто оваа состојба во споредба со мажите. Болки во зглобовите или вкочанетост се јавуваат кај 1-4 жени после пубертетот кои претходно не биле имуни кон рубеола. Нивните симптоми започнуваат 1-3 недели по вацинацијата, обично се благи симптоми кои траат околу 2 дена. Ваквите симптоми ретко повторно може да се појават.
  • Имунолошка тромбоцитопенична пурпура е нарушување кое ја намалува способноста на телото да го прекине крварењето. Тоа може да настане после природна инфекција со мали сипаници како и по примање на МРП вакцината, но не е живото-загрижувачко крварење. Третманот може да вклучува трансфузија на крв и лекови. Ризикот од имунолошка тромбоцитопенична пурпура е прикажан кај една студија која проценува еден случај на 40 000 вакцинирани деца и притоа истиот се зголемува за шест недели по вакцинацијата со МРП.
  • Енцефалитис, или тежок оток на мозокот предизвикан од вирусот на мали сипаници е компликација од инфекција со вирусот на морбили од див тип. Иако ретко, ова нарушување речиси секогаш настанува кај пациенти со ослабен имунолошки систем. Болеста обично се развива во рок од една година, по првичната инфекција со мали сипаници и има висока стапка на смртност.Постојат и три објавени извештаи за оваа компликација која настанува кај вакцинираните лица. Во овие случаи, енцефалитисот се развил меѓу 4 и 9 месеци по МРП вакцината. Само во еден случај, вирусната вакцина против мали сипаници била идентификувана како причина.
  • Некои од родителите се загрижени дека вакцината можеби предизвикува аутизам. Знаците на аутизам обично се појавуваат скоро во исто време кога децата ја примаат МРП вакцината. Експертите за безбедност на вакцината, вклучувајќи експерти од Центарот за контрола на болестите и Американската Академија за педијатри, се едногласни дека МРП вакцината не е одговорна за зголемување на бројот на деца со аутизам.

Референца:

Информации за безбедноста на МРП вакцината од Центарот за контрола и превенција на болести

https://www.cdc.gov/vaccinesafety/vaccines/mmr-vaccine.html

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

Заборавено корисничко име или лозинка
Ве молиме внесете ја вашата email адреса. Корисничкото име и новата лозинка ќе ви бидат пратени по email.