HPV Vakcina

HPV вакцините не го зголемуваат ризикот од примарна оваријална инсуфициенција

HPV вакцините не го зголемуваат ризикот од примарна оваријална инсуфициенција

Иако постои страв од можната поврзаност на Human Papilloma virus (HPV) вакцината со развој на примарна оваријална инсуфициенција (ПОИ), нова ретроспективна кохорт студија, објавена во август оваа година во Pediatrics, тврди дека пациентите кои примиле HPV вакцина немале зголемен ризк од ПОИ. Се смета дека резултатите од оваа студија ќе го намалат стравот на пациентите од вакцинација со HPV вакцината, како и со останатите вакцини, вклучувајќи ги вакцините за инфлуенца, тетанус, дифтерија и пертусис, и менингококната вакцина коњугат. Ова е прва популациона студија каде ПОИ е евалуирана како можен несакан настан на вакцина.

Според центарот за контрола на болести (Centers for Disease Control and Prevention, CDC), HPV e една од најчестите сексуално-преносливите инфекции во САД, со преваленца од 42.5% кај лица на возраст од 18 до 59 години, одредена во временска рамка од 2013 до 2014 година. И покрај ниската преваленца, многу адолесценти сеуште не ја примаат препорачаната вакцина која се употребува за спречување на HPV и HPV-aсоцирани карциноми. Според CDC, само 49% од адолесцентите во 2017 година биле информирани за вакцината.

Вирусот е асоциран со неколку видови на канцер, како и со ано-генитални брадавици. Од 2006 година, HPV вакцините се лиценцирани и препорачани за употреба кај девојки во адолесцентниот период од животот, од страна на Advisory Committee on Immunization Practices. Споредено со другите вакцини кои се препорачуваат во адолесцентните години, како вакцините за тетанус, дифтетија и пертусис, и менингококната вакцина, стапката на HPV вакцинација сеуште премногу заостанува. Во САД во 2016 година, било проценето дека 65% од девојчињата на возраст од 13 до 17 години примиле барем една HPV вакцина, а само 49.5% редовно биле ре-имунизирани, споредено со вакцината за тетанус, дифтерија и пертусис која ја примиле речиси 88% од адолесцентите. Иако, повеќе автори на големи популациски студии ја демонстрирале безбедноста на HPV вакцинацијата, безбедноста на нејзината парентерална примена, како и потенцијалното влијание врз плодноста се број еден причина поради која поголемиот број од адолесцентите не сакаат да се вакцинираат. Стравот од неплодност поврзан со HPV вакцинацијата потекнува од неколку претходно објавени случаи кои опишуваат појава на симптоми на ПОИ, уште познато и како прематурна менопауза, во текот на првите 12 месеци по вакцинацијата кај 6 млади девојки на возраст од 13 до 21 година.

ПОИ се карактеризира со дисфункција или со деплеција на оваријалните фоликули, менопаузални симптоми (како аменореја и топли бранови) и намалена плодност. Идиопатската ПОИ кај девојки помлади од 20 години е невообичаена, со преваленца од 1 на 10 000 случаи. Познати како најчести етиологии за ПОИ се хромозомалните абнормалности, како Turner-oвиот синдром и фрагилниот Х синдром, како и гонадотоксичните терапии за канцер (хемотерапија или радиотерапија), додека пак идиопатските случаи на ПОИ најчесто се поврзувани со автоимуни, метаболни или инфективни болести.

Истражувачите предводени од Allison L. Naleway, прегледале податоци од електронски медицински досиеја од Kaiser Permanente Northwest со цел да идентификуваат пациентки на возраст од 11 до 34 години кои биле дијагностицирани со здравствена состојба што укажува на ПОИ. По изборот на пациентки, ги прегледале медицинските досиеја да ја потврдат нивната дијагноза и да проценат приближен датум кога започнале симптомите. Користејќи ги овие податоци, успеале да ја пресметаат вкупната инциденца на идиопатска ПОИ.

За времетраењето на студијата (од август 2006 до 31 декември 2014 година), вклучени биле 199078 пациентки на возраст од 11 до 34 години. 119078 од нив примиле Tdap вакцина (дифтерија, тетанус, пертусис), 84783 биле вакцинирани за инфлуенца, 58871 за HPV, додека пак 46231 примиле менингококна вакцина.

Пресметани биле стапките кај различни возрасни групи (11-14, 15-18, 19-22, 23-26, 27-30 и 31-34 години) врз основа на датумот на дијагностицирање на ПОИ во 95% интервал на доверливост.

Резултатите посочуваат дека од  вкупно 58871 млади жени кои примиле ΗPV вакцина за време на периодот на студијата, само еднa пациентка имала појава на симптомите по вакцинацијата. Од 120 дијагнози кои укажувале на ПОИ, само 46 се идентификувани како идиопатски случаи. Инциденцата за дијагностицирана ПОИ се зголемувала со возраста и била најниска од 0.87 на 1 000000 лица/месечно кај пациентки од 11 до 14 години, до највисока 12.85 на 1000000 лица/месечно кај пациентки од 30 до 34 години. Истражувачите сметаат дека доколку ПОИ е тригерирана од HPV или изложување на друга вакцина која се прима во адолесцентниот период, дека би требало да се очекува зголемена инциденца на случаи со ПОИ кај младите девојки кои биле вакцинирале. Спротивно на тоа, зголемувањето на инциденцата на ПОИ корелира со зголемување на возраста, но не и со експозицијата на HPV вакцинацијата.

Приспособениот индекс на опасност за ПОИ (hazard ratio)  е 0.30 (95% CI, 0.07-1.36) по примање на HPV вакцината. Исто така бил пресметан приспособлив индекс за опасност (hazard ratio) и за останатите вакцини и тоа однос од 0.88 (95% CI: 0.37-2.10) по примање на вакцина за дифтерија, тетанус и пертусис (Tdap), однос од 1.42 (95% CI: 0.59-3.41) по вакцинација со инфлуенца вакцина (II), и однос од 0.94 (95% CI: 0.27-3.23) по менингококната вакцина (MenACWY). Истражувачите не идентификувале никаков статистички значаен зголемен ризик по примена на било која од вакцините, вклучително и HPV вакцината.

И покрај предизвикот кој го поставиле претходно објавените случаи за можната поврзаност на ПОИ и HPV вакцината кои влијаат негативно во одлучувањето и прифаќањето на вакцинацијата, се очекува податоците на оваа студија да ги намалат досегашните стравови од неплодност. Не постојат студии кои укажуваат на релевантен биолошки прозорец на изложување, но во студијата биле вклучени пациенти кои биле изложени на вакцината пред почетокот на симптомите. Според истражувачите, доколку самата вакцинација е асоцирана со јавување на ПОИ симптоми, изложувањето најверојатно индуцирало ПОИ преку пат на автоимуна реакција.

Референца:

  1. Naleway AL et al. Primary Ovarian Insufficiency and Adolescent Vaccination. Pediatrics.2018 Sep;142(3). pii: e20180943. doi: 10.1542/peds.2018-0943. Epub 2018 Aug 21. PubMed PMID: 30131438.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

Заборавено корисничко име или лозинка
Ве молиме внесете ја вашата email адреса. Корисничкото име и новата лозинка ќе ви бидат пратени по email.