1.hydroxychloroquine

Хидроксихлорокинот не е ефикасен во клиничкиот третман кај пациенти со лесна и умерена форма на COVID-19

Според новата студија од Франција, објавена во BMJ, антиинфламаторниот лек хидроксихлорокин не го намалува значително ризикот од прием на интензивна нега или смрт кај пациенти хоспитализирани со пневмонија предизвикана од COVID-19. Друга рандомизирана клиничка студија од Кина објавена во истото списание покажала дека хоспитализирани пациенти со блага и умерена перзистентна пневмонија предизвикана од COVID-19 кои биле третирани со хидроксихлорокин не оздравеле побрзо во однос на пациентите кои примиле стандардна грижа. Приложените резултати од двете студии не ја поддржуваат рутинската употреба на хидроксихлорокин за третман на пациенти со COVID-19.

Од досегашната рутинска клиничка употреба на хидроксихлорокинот, може да се заклучи дека истиот успешно ги намалува воспалението, болката и отокот. Широко се користи за лекување на ревматски заболувања, а се користи и во третман на маларија. Лабораториските тестови покажале значително оптимистички резултати за успешен третман на COVID-19, но акумулационите студии и опсервационите докази ги ставиле под знак прашалник потенцијалните значајни клинички придобивки од овој лек кај инфицираните пациенти. Сепак,  хидроксихлорокинот веќе е вклучен во кинеските протоколи за третман на болеста, а FDA издаде овластување за итна употреба со цел да се овозможи употреба кај одредени хоспитализирани пациенти.

Во првата студија, истражувачите од Франција ја процениле ефективноста и безбедноста на хидроксихлорокинот во однос на стандардната нега кај возрасни пациенти кои биле примени во болница со пневмонија како резултат на COVID-19, а кај кои била неопходна суплементација со кислород. Од 181 пациент, 84 примиле хидроксихлорокин во рок од 48 часа од приемот и 97 биле подложени на стандардна нега (контролна група), при што не биле утврдени  значителни разлики помеѓу групите во однос на ризикот за хоспитализација во одделенијата за интензивна нега, смрт во рок од 7 дена или развој на акутен респираторен дистрес синдром во рок од 10 дена. Истражувачите сметаат дека е потребна претпазливост при толкувањето на нивните резултати, но дека нивните откритија не ја поддржуваат употребата на хидроксихлорокинот кај пациенти хоспитализирани со пневмонија предизвикана од COVID-19.

Во втората студија, истражувачите во Кина ја испитувале ефикасноста и безбедноста на хидроксихлорокинот во споредба со стандардната нега кај 150 возрасни лица хоспитализирани со блага или умерена форма на COVID-19. Пациентите биле поделени во две групи при што едната половина била третирана со хидроксихлорокин покрај вообичаената нега, а на другата половина им била пружена само стандардна нега (контролна група). До 28миот ден, тестовите откриле слични стапки на оздравување од COVID-19 во двете групи, но несаканите дејства биле почести кај оние кои примале хидроксихлорокин. Олеснувањето и времетраењето на симптомите  исто така  не се разликуваат значително помеѓу двете испитувани групи.

Иако се потребни поголеми студии за да се потврдат овие резултати, авторите на двете студии сметаат дека нивните наоди не ја поддржуваат употребата на хидроксихлорокин во терапијата на пациенти со лесна и умерена форма на COVID-19.

REFERENCES:

1.Matthieu Mahévas, Viet-Thi Tran, Mathilde Roumier, Amélie Chabrol, Romain Paule, Constance Guillaud, Elena Fois, Raphael Lepeule, Tali-Anne Szwebel, François-Xavier Lescure, Frédéric Schlemmer, Marie Matignon, Mehdi Khellaf, Etienne Crickx, Benjamin Terrier, Caroline Morbieu, Paul Legendre, Julien Dang, Yoland Schoindre, Jean-Michel Pawlotsky, Marc Michel, Elodie Perrodeau, Nicolas Carlier, Nicolas Roche, Victoire de Lastours, Clément Ourghanlian, Solen Kerneis, Philippe Ménager, Luc Mouthon, Etienne Audureau, Philippe Ravaud, Bertrand Godeau, Sébastien Gallien, Nathalie Costedoat-Chalumeau. Clinical efficacy of hydroxychloroquine in patients with covid-19 pneumonia who require oxygen: observational comparative study using routine care data. BMJ, 2020;

Available at: https://www.bmj.com/content/369/bmj.m1844

2.Wei Tang, Zhujun Cao, Mingfeng Han, Zhengyan Wang, Junwen Chen, Wenjin Sun, Yaojie Wu, Wei Xiao, Shengyong Liu, Erzhen Chen, Wei Chen, Xiongbiao Wang, Jiuyong Yang, Jun Lin, Qingxia Zhao, Youqin Yan, Zhibin Xie, Dan Li, Yaofeng Yang, Leshan Liu, Jieming Qu, Guang Ning, Guochao Shi, Qing Xie. Hydroxychloroquine in patients with mainly mild to moderate coronavirus disease 2019: open label, randomised controlled trial. BMJ, 2020;

Available at: https://www.bmj.com/content/369/bmj.m1849

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

Заборавено корисничко име или лозинка
Ве молиме внесете ја вашата email адреса. Корисничкото име и новата лозинка ќе ви бидат пратени по email.