Фармацевтска грижа

Клиничката фармација претставува област на фармацијата, која е насочена кон практикување на научни принципи (специфични знаења и вештини од фармакологија, фармакокинетика и фармакотерапија) за рационална примена на лекови и избор на терапија за индивидуален пациент со единствена цел, подобрување на квалитетот на живот на пациентот. Терминот “клинички” ексклузивно не имплицира пракса само во болнички и клинички услови.Клиничко фармацевтската пракса во грижата на пациенти се практикува и од страна на фармацевтите во аптеки, матични амбуланти, старски домови, домови за болничка грижа. Доплонително, клиничките фармацевти во академските институции генерираат, дисеминираат и имплементираат знаења кои придонесуваат за подобрување на здравјето и квалитетот на живот на пациентите.

Клиничко фармацевтската пракса се заснова на филозофијата на фармацевтска грижа. Фармацевтската грижа претставува пациент ориентиран пристап во кој потребите на пациентот се во фокусот на клиничко делување на фармацевтот. По дефиниција под фармацевтска грижа се подразбира одговорно обезбедување на терапија со лекови во насока на постигнување на резултати кои го подобруваат квалитетот на животот на пациентот, а кои се однесуваат на лекување на болест, одтстранување или намалување на симптоми на болест и спречување или забавување на прогресија на болест.

Во таа насока, фармацевтската грижа е процес во кој фармацевтот како дел од здравствениот тим учествува во дизајнирање, спроведување и мониторирање на терапевтски план преку идентификација на потенцијални и актуелни проблеми (несакани реакции или настани) поврзани со употребата на лекови, решавање на веќе настанатите проблеми или спречување на нивна појава.

Ефектот од практикување на овој пристап е обезбедување на директна грижа за пациентите кои добиваат ефикасен, безбеден, економски оправдан третман, додека пак за фармацевтот е постигнување на стручен империјализам преку посветено, компетентено, одговорно практикување во своето професионално опкружување.

Според публикуваните податоци од спроведените студии и систематски прегледи, имплементацијата на клиничко фармацевтската пракса преку вклучувањето на фармацевтот во идентификација, спречување, решавање и документирање на лек -асоцираните проблеми, оптимизација на терапија од избор и дозирање, но и неговото вклучување во специфични програми за справување со болести (пр. вакцинација, дијабет, хиперлипидемија) доведува до подобро управување на терапијата со лекови (Medication Management) и намалување на честотата на медицински грешки при пропишување на терапија, инциденцата на лек асоцирани несакани настани, времето на болничко лекување и стапката на морталитет кај пациентите. Сите публикувани докази се конзистентни дека клиничко фармацевтскиот пристап не е опасен по здравјето на пациентите, и освен хуманистичкиот бенефит, интеграцијата на клиничките фармацевти во здравствениот тим обезбедува и финансиски бенефит за здравствените системи.
Земајки го предвид сето погоре наведено, фармацевтската грижа е неопходен елемент во севкупната здравствената грижа кој треба да биде интегриран во здравствениот систем во нашата земја. Фармацевтот не може да го замени ниту да биде заменет од друг здравствен работник (лекар, медицинска сестра и сл.).

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

Заборавено корисничко име или лозинка
Ве молиме внесете ја вашата email адреса. Корисничкото име и новата лозинка ќе ви бидат пратени по email.