Yellow Pills Forming Shape To C Alphabet On Wood Background

Евалуација на влијанието на високи дози на витамин C во третман на пациенти со КОВИД-19

Голем број на OTC препарати се користат како дополнителна терапија кај пациентите болни од КОВИД-19, иако нивната улога во исходот на бoлеста останува нејасна. Витаминот C e меѓу оние OTC препарати чија потенцијална улога во третманот на КОВИД-19 се евалуира од страна на научниците заради неговите веќе докажани имуномодулаторни и антивирусни својства.

Докажано е дека витаминот C, во повисоки дози од оние кои обично се користат во амбулантското лекување, ја намалува смртноста при сепса и има позитивни клинички резултати кај пациенти болни од вирусни инфекции. Точните механизми преку кои витаминот C ги изразува позитивните ефекти е нејасен; сепак, познато е дека витаминот C е моќен антиоксиданс со имуномодулаторни својства и значително се концентрира во некои видови клетки кои се дел од имуниот систем. Познато е дека витаминот C ја подобрува функцијата и пролиферацијата на лимфоцитите, го подобрува фагоцитниот капацитет и го зголемува уништувањето на инфицираните клетки од страна на клетките убијци. Неговите дополнителни антиоксидантни својства преку елиминација на штетните реактивни кислородни радикали (ROS) кои ги користат имуните клетки за уништување на вирусите, но исто така предизвикуваат и воспаление во човечките ткива, се значително корисни кај пациентите кои страдаат од вирусни инфекции. Овие реактивни кислородни радикали се особено штетни кај пациенти со респираторни заболувања заради можноста да предизвикуваат значителна штета на белите дробови, односно допринесуваат во создавањето на т.н. цитокинска бура, која може да ги погоди пациентите кои боледуваат од КОВИД-19. Врз база на досегашните сфаќања за болеста предизвикана од новиот коронавирус, моќните антиоксиданси за елиминирање на слободните кислородни радикали може да бидат корисни кај симптоматските пациенти со КОВИД-19.

Досегашните студии покажале можни клинички придобивки при администрација на витамин C кај пациенти инфицирани со некои вируси, вклучувајќи херпес зостер, варичела зостер и грип . Се смета дека витаминот C поседува антивирусни својства и кон групата на коронавирусите. На пример, студиите покажале дека витаминот C помага во профилакса на обичната настинка, предизвикана од друг коронавирус, кај пациенти кои претрпеле значителен физички стрес. Витаминот C, исто така, го намалувa времетраењето и сериозноста на симптомите на настинката. Покрај тоа, витаминот C покажал одредена корист кај пациенти со сепса и иако сè уште клинички се евалуира, може да се покаже како корисен кај пациенти со тешка клиничка слика на КОВИД-19. Студијата спроведена во 2019 година кај пациенти со сепса кај кои е присутен акутен респираторен дистрес синдром (ARDS) (n = 167) демонстрирала пониска стапка на смртност во период од 28 дена и намален број на болнички денови и денови поминати на интензивна нега кај групата на пациенти кои биле третирани со интравенски (IV) витамин C (50 mg /kg на секои 6 часа) во споредба со оние кои биле третирани со плацебо. Бидејќи ARDS е сериозна компликација кај тешките клинички форми на COVID-19, можно е витаминот C да се покаже како корисен.

Во претходните студии за витамин C било забележано дека високи дози можат да ги променат резултатите од типичното тестирање на глукозата, односно може да даде погрешно високи резултати , што пак може да резултира со администрација на премногу висока доза на инсулин кај пациентите кои страдаат од дијабетес тип 1 или 2. Другите можни несакани ретки дејства на витаминот C даден во исклучително високи дози вклучуваат хипернатремија, оксалатна нефропатија и хемолиза кај пациенти со дефицит на G6PD (глукоза 6 фосфат дехидрогеназа).

Во тек се неколку студии со кои се проценуваат ефектите на витаминот C во третманот на KОВИД-19. Една студија која е во фаза 2 од клиничките испитувања го евалуира влијанието на третманот со висока доза на витамин C (12 g  инфузирани во тек на 4 часа на секои 12 часа во тек на 7 дена)  врз клиничката форма на тешка пневмонија поврзана со КОВИД-19. Друга канадска студија која е во фаза 3 од клиничките испитувања ги проучува ефектите на витамин C ( 50 mg/kg IV на секои 6 часа во тек на 4 дена) врз оштетувањата на висцералните органи и морталитетот кај пациенти со тешка клиничка форма на КОВИД-19. Резултатите за двете овие студии се предвидени да бидат достапни оваа есен и ќе обезбедат повеќе докази за улогата на витаминот C во третманот на KОВИД-19.

REFERENCES:

  1. Colunga Biancatelli RML, Berrill M, Marik PE. The antiviral properties of vitamin C. Expert Rev Anti Infect Ther. 2020 Feb;18(2):99-101.
  2. Marik PE. Hydrocortisone, Ascorbic Acid and Thiamine (HAT Therapy) for the Treatment of Sepsis. Focus on Ascorbic Acid. Nutrients. 2018 Nov 14;10(11):1762.
  3. Hemilä H, Chalker E. Vitamin C for preventing and treating the common cold. Cochrane Database Syst Rev. 2013 Jan 31;(1):CD000980.
  4. Fowler AA III, Truwit JD, Hite RD, et al. Effect of Vitamin C Infusion on Organ Failure and Biomarkers of Inflammation and Vascular Injury in Patients With Sepsis and Severe Acute Respiratory Failure: The CITRIS-ALI Randomized Clinical Trial. JAMA. 2019 Oct 1;322(13):1261-1270.
  5. Yanase F, Fujii T, Naorungroj T, et al. Harm of IV High-Dose Vitamin C Therapy in Adult Patients: A Scoping Review. Crit Care Med. 2020 May 13.
  6. Wu R, Wang L, Kuo HD, et al. An Update on Current Therapeutic Drugs Treating COVID-19. Curr Pharmacol Rep. 2020 May 11:1-15.
  7. ClinicalTrials.gov [Internet]. Bethesda (MD): National Library of Medicine (US). IdentifierNCT04401150, Lessening Organ Dysfunction With VITamin C – COVID-19 (LOVIT-COVID); 2020 May 26  Available from: https://clinicaltrials.gov/ct2/show/NCT04401150

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

Заборавено корисничко име или лозинка
Ве молиме внесете ја вашата email адреса. Корисничкото име и новата лозинка ќе ви бидат пратени по email.