2

Евалуација на влијанието на цинкот во третман на пациенти со КОВИД-19

Голем број на OTC препарати се користат како дополнителна терапија кај пациентите болни од КОВИД-19, иако нивната улога во исходот на бoлеста останува нејасна. Цинкот, слично како и витаминот C e меѓу оние OTC препарати чија потенцијална улога во третманот на КОВИД-19 се евалуира од страна на научниците заради неговите веќе докажани имуномодулаторни и антивирусни својства.

Цинкот е втор најзастапен микроелемент присутен во човековото тело. Со децении е познато влијанието на OTC препаратите кои содржат цинк врз олеснување на симптомите од вирусни инфекции како што се обичната настинка или грипот. За разлика од витаминот C, механизмот преку кој цинкот го пројавува антивирусниот ефект е подобро разбран. Имено, тој ја инхибира вирусната RNA-зависна RNA полимераза потребна за репликација на вирусите, вклучително за грипот и фамилијата на коронавирусите, во кои е класифициран и SARS-CoV-2, причинителот на КОВИД-19.

Според досегашните студии, кај пациентите со КОВИД-19, цинкот веројатно делува синергистички со хидроксихлорокинот (HCQ) и хлорокинот, чиј механизам на дејство го зголемува внесувањето на цинк во клетките на домаќинот. Ова овозможува повеќе цинк да стигне до инфицираните клетки на домаќинот со што се зголемува неговото инхибиторно дејство врз вирусната полимераза, а со тоа и репликацијата на вирусот.

Ретроспективната студија спроведена во болниците во NYU Langone Health во Њуjорк ја евалуира коадминистрацијата на цинк во терапијата со хидроксихлорокин и азитромицин (n = 411) и ја споредува со терапија која се состоела само од хидроксихлорокин и азитромицин (n = 521) во третман на пациенти со КОВИД-19. Додавање цинк сулфат (капсула 220 mg цинк сулфат која содржи 50 mg елементарен цинк, два пати на ден во период од пет дена) било поврзано со намалување на смртноста или компликации од болеста (OR 0,449, 95% CI 0.271-0.744, p = 0.002) и зголемена фреквенција на болничко испишување и продолжување на лекување во домашни услови (OR 1.53, 95% CI 1.12-2.09, p = 0,008) кај пациенти со лесна и средна клиничка слика кои не барале интензивно лекување.

Оваа асоцијација меѓу коадминистрирањето на цинкот и исходот на болеста не е значајна кај пациенти со тешка клиничка форма на КОВИД-19 кои биле третирани на интензивните одделенија. Студијата не ја проценува ефикасноста на цинкот како монотерапија. Со неодамнешните податоци за неефикасноста на хидроксихлорохинот во третманот на КОВИД-19 останува нејасна улогата на цинкот како монотерапија, но студиите кои се во тек треба да обезбедат податоци од интерес во текот на наредната година.

REFERENCES:

  1. Shittu MO, Afolami OI. Improving the efficacy of Chloroquine and Hydroxychloroquine against SARS-CoV-2 may require Zinc additives – A better synergy for future COVID-19 clinical trials. Infez Med. 2020 28(2):192-197.
  2. Xue J, Moyer A, Peng B, et al. Chloroquine is a zinc ionophore. PLOS One. 2014 Oct 1;9(10):e109180.
  3. Carlucci P, Ahuja T, Petrilli CM, et al. 2020. Hydroxychloroquine and azithromycin plus zinc vs hydroxychloroquine and azithromycin alone: outcomes in hospitalized COVID-19 patients. medRxiv. Available from: https://www.medrxiv.org/content/10.1101/2020.05.02.20080036v1

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

Заборавено корисничко име или лозинка
Ве молиме внесете ја вашата email адреса. Корисничкото име и новата лозинка ќе ви бидат пратени по email.