Communication

Ефективна комуникација со пациенти – значење во обезбедување на оптимална здравствена грижа за пациенти со карцином

Ефективна комуникација со пациенти – значење во обезбедување на оптимална здравствена грижа за пациенти со карцином

Воспоставување на ефективна комуникација помеѓу здравствениот работник и пациентот е значаен елемент во пациент-фокусираната здравствена грижа. Според тоа, преку успешна комуникација со пациентот, здравствениот работник добива информации за неговите здравствените проблеми, терапијата што ја прима, емоционалните потреби, желби и ставови. Во таа насока, комплексноста на здравствената грижа за пациентите со карцином ја наметнува потребата од градење на искрен и пријателски однос помеѓу здравствените работници и пациентите. Пациент-фокусираниот модел на здравствена грижа претставува основа  при воспоставување  на ефективна  врска со пациентот и неговото семејство и овозможува заедничко донесување на одлуки за поврзани со третманот на пациентот од една страна, но и подобро разбирање и решавање на грижите на пациентот и со обезбедување на потребните информации од друга страна, сè со цел промовирање на добросостојба и подобрување на неговиот квалитет на живот.

Според студијата публикувана во Journal of National Comprehensive Cancer Network, воспоставување на ефективна комуникација е клучен чекор во обезбедување на позитивни здравствени исходи, задоволство и намалување на трошоците поврзани со лекувањето кај пациентите со карцином. Дополнително на тоа, American Cancer Society ја нагласува значајноста на комуникацијата во здравствената грижа за пациенти со карцином во објавениот извештај за следење на поврзаноста помеѓу задоволството на пациентот од комуникацијата со здравствениот работник и здравствените придобивки. Студијата претставува систематски преглед на податоци од Medical Expenditure Panel Survey (MEPS) во временска рамка од 2008-2014 година во која се евалуирани здравствени исходи на вкупно 4588 пациенти со карцином во ремисија. Пациентите се класифицирани во две групи во зависност од возраста: првата група е сочинета од 2257 пациенти на возраст од 18-64 години и втората група е сочинета од 2331 пациенти на возраст од 65 години и постари. Анкетата е спроведена со цел да се евалуира задоволството на пациентите од комуникацијата со здравствените работници во временски период од 12 месеци, а одговорите се рангирани на скала од 4 точки: никогаш-секогаш. Пациентите го искажале своето задоволство во зависност од тоа дали здравствениот работник:

1) Слуша внимателно

2) Комуницира на разбирлив и едноставен начин

3) Покажува почит кон пациентот

4) Посветува доволно време на пациентот

Резултатите посочуваат на фактот дека пациентите со подобра општа здравствена состојба пријавиле поголемо ниво на задоволство. Пациентите со покомплексна здравствена состојба како резултат на коморбидитети пријавиле пониско ниво на задоволство. Севкупните резултати посочуваат на комплексни фактори што негативно влијаат на начинот на којшто пациентот ја перцепира комуникацијата со здравствениот работник. Задоволството на пациентот, како една од придобивките на добрата комуникација со здравствениот работник рефлектира колку добро се исполнети неговите потреби, желби и очекувања.

Покрај тоа, комуникацијата на здравствените работници со пациентите, влијае на начинот како пациентот ќе се соочи со финансискиот товар поврзан со третманот. И токму во таа насока, неодамна спроведената студија публикувана во Cancer ја нагласува значајноста и потребата на тоа дека здравствените работници што учествуваат во грижата за пациентите со карцином треба на разблирлив начин да ги објаснат трошоците поврзани со дијагнозата и третманот.

Севкупно, добрите комуникациски вештини на здравствените работници што учествуваат во грижата за пациентите со карцином се од голема значајност при постигнување на целите на третманот. Дијагнозата за карцином генерално е проследена со чувства на страв, анксиозност и неизвесност кај пациентите, а севкупниот третман е комплексен и поврзан со економски товар. Тоа ја наметнува потребата од градење на искрена и доверлива врска здравствен работник-пациент во обезбедувањето на здравствена грижа. А, најзначајни  придобивки на ефективната комуникација се: подобрување на задоволството на пациентот, придржување кон третманот, согласност за учество во клинички студии (кога станува збор за пациенти со дијагностициран карцином во напредна фаза), подобра транзиција на пациентот од куративна во палијативна грижа и намалување на стресот кај здравствените работници.

Референци:

  1. Rai A. et al., Determinants and outcomes of satisfaction with healthcare provider communication among cancer survivors. Journal of the National Comprehensive Cancer Network.16:975-984;2018
  2. Jagsi R. et al., Unmet Need for Clinician Engagement Regarding Financial Toxicity After Diagnosis of Breast Cancer. Cancer. 2018
  3. Epstein RM. et al., Patient-Centered Communication in Cancer Care: Promoting Healing and Reducing Suffering. Bethesda, Md: National Cancer Instite. 2007

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

Заборавено корисничко име или лозинка
Ве молиме внесете ја вашата email адреса. Корисничкото име и новата лозинка ќе ви бидат пратени по email.